ЗА ИДЕНТИТЕТОТ НЕ ПРЕГОВАРАМЕ, ДОКУМЕНТИ НЕ ДАВАМ Османи реферираше во парламентот, опозицијата незадоволна
Не може да се изградат заеднички позиции ако владата не сака да ги сподели информациите, изјави пратеникот Антонио Милошоски, претседател на собраниската Комисија за надворешна политика.
Никој не преговара за идентитетот, за јазикот и за другите идентитетски атрибути, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи пред членовите на Комисијата за надворешна политика на Собранието. Но, тој одби да ги достави документите во врска со преговорите меѓу Скопје и Софија, односно македонските одговори на пакетот 5+1.
Претседателот на Комисијата, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, упати критика дека не може да се изградат заеднички позиции ако Владата не сака да ги сподели информациите. Но, Османи одговори дека во пакетот на политички прашања, дел се во фаза на размена на идеи, нон-пејпери. Во првиот момент кога тие работни верзии ќе станат прифатливи за двете страни, пред да се одобрат или да се стават во функција, писмено ќе бидат доставени и до оваа Комисија и до пратениците
Османи самоуверено ги покани пратениците кога сакаат да дојдат во МНР, тој таму да им ги презентира одговорите кои ги доставила македонската страна, што предизвика бурна реакција од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.
– Уставниот систем во Македонија е министри да доаѓаат во Собранието, не пратеници да одат кај министрите. Не го потценувам, но никој од нас не се чувствува во таква состојба како Кастриот Реџепи да доаѓа кај вас – му возврати Милошоски.
Јазикот и другите идентитетски атрибути се прашања кои произлегуваат од правото на самоопределување на секој човек, на секој народ, на секоја етничка заедница, на секоја држава и тоа е неприкосновено право посилно од кое било друго право. За овие прашање ниту сме преговарале, ниту имаме право да преговараме, нагласи Османи.
Тој истакна дека преку еден аргументиран пристап, успеале да покажат дека тезите за негирање на идентитетот на Македонците, како „еден народ во две држави“, не одговараат на современите цивилизациски вредности. Според него, во последно време почнала да се шири „една блага хистерија дека за вакви чувствителни прашања можни се ад-хок решенија“.
– Сакам да порачам дека државниот тим целосно се води од позициите дека секое прашања поминува низ неколку филтри – прво тука се експертите и дипломатите во МНР, професионалци кои со овие прашања се занимаваат во дипломатијата, независно од која било политичка власт во државата. Тоа се истите луѓе со кои работеле и моите претходници, меѓу кои и сегашниот претседател на комисијава, Антонио Милошоски, кога тој беше министер. Потоа тука е и владата, каде што одлуките ги носиме заеднички, а секако на крајот и е оваа Комисија, Собранието воопшто, на крајот и граѓаните – рече Османи.
Пратеничката Ана Лашкоска го обвини Османи за „надмениот и арогантен пристап“ и го потсети дека ако сметате дека јавноста не треба да ги знае овие документи, пратениците имаат безбедносни сертификати и министерот документите може да ги сподели на затворена седница.
Погледнете го целото обраќање на министерот Бујар Османи: