ЗА ПРОВИЗИИ ЛИ ГИ ПОСТАВИ ФИЛИПЧЕ МОДУЛАРНИТЕ БОЛНИЦИ НА НЕЗАКОНСКИ НАЧИН? Манасиевски го обвини ексминистерот дека 16-те објекти не ги исполнувале минимималните стандарди
Модуларните ковид болници се бесправно и противзаконски поставени и не смеат да бидат користени за вршење на каква било здравствена или медицинска дејност. Оттука, го прашуваме Филипче, дали провизиите чинеа повеќе од животот на граѓаните, праша Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција го обвини лидерот на СДСМ и поранешен министер за здравство Венко Филипче дека ковид болниците, меѓу кои и модуларната болница во Тетово во која во пожар зачинаа 14 лица, се бесправно и противзаконски поставени.
– Модуларните ковид болници се бесправно и противзаконски поставени и не смеат да бидат користени за вршење на каква било здравствена или медицинска дејност. Оттука, го прашуваме Филипче, дали провизиите чинеа повеќе од животот на граѓаните? Зошто одобрил изградба на модуларни болници противзаконски? Зошто модуларните болници ги квалифицирале како стоки, во кои никако не смее да се обавува здравствена дејност – праша на прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Министерството за здравство, потсети тој, во времето на Венко Филипче дозволило изградба на16 ковид модуларни болници низ територијата на целата земја, кои не исполнуваат минимални стандарди. За време на ковид кризата, додаде, Светската банка му даде 30 милиони евра на Министерството за здравство за справување со ковид-кризата, односно за набавка на лекови, опрема и меѓудругото, за изградба на нови 16 модуларни болници.
– Светска банка проценила дека МЗ нема капацитети да ги менаџира овие пари, па парите се даваат на проектна единица во Министерството за труд и социјална политика да ги спроведе сите набавки согласно меѓународните правила, а за потребите на МЗ. Спроведувањето на набавката го прави МТСП, а техничките спецификации и усогласеноста на постапката според законските и подзаконските акти за здравствени објекти ги прави лице од МЗ, назначено од Венко Филипче – рече Манасиевски.
Според него, спорна е техничката спецификација, која ја направило одговорното лице назначено од Венко Филипче, за која што подоцна се констатира дека не е во согласност со ниту еден стандард за изградба на објекти од областа на здравството.
– Не се почитувале Законот за градење и Законот за здравствена дејност и не се почитувале минималните технички стандарди за заштита од пожари и од експлозии. Исто така, многу важно за овој случај, е што овие болници се набавени и се поставени како стоки, а стоки во ниту еден случај не можат да бидат користени како објект во кој се обавува здравствена дејност – рече Манасиевски.
Пред да се случи пожарот во модуларната болница каде загинаа 14 наши сограѓани, додаде тој, наместо да се подобрат стандардите на болниците, Министерството за транспорт и врски, по предлог на Владата, го променило Законот за градење по итна постапка, со цел овој тип на објекти да се преместат во урбана опрема за чие поставување одобрение ќе издава МЗ или тогашниот министер, Венко Филипче, објасни Манасиевски.
– Овие болници не се запишани во катастар, немаат добиено одлука од Влада за трајно користење и немаат одобрение за употреба по правилник за простор опрема и кадар. За овие работи има евиденција во проектната единица во МЗ и истата е предадена на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, на ден 12.12.2023 година – рече Манасиевски.
Jавноста мора да ја дознае вистината за модуларната болница и утре во исто време продолжуваме со нови детали од аферата „Провизии кои чинат животи“, додаде тој.