ЗА ДВЕ ГОДИНИ СЕ ПРОДОЛЖУВА РОКОТ ЗА ИЗГРАДБА НА АВТОПАТОТ ТЕТОВО – ГОСТИВАР – БУКОЈЧАНИ Николоски вели дека две години претходната влада не направила ништо
Министерот за транспорт и врски не очекува анекс за зголемување на цената на автопатот.
За две години ќе се продолжи рокот за изградба на автопатското поврзување Тетово-Гостивар и Гостивар- Букојчни, информира денеска министерот за транспорт и врски Александар Николоски за време на увидот на работите на автопатот направен заедно со премиерот Христијан Мицскоски и директорот на ЈП Патишта, Коце Трајановски.
Николоски рече дека притоа очекува да не се зголеми цената на чинење на автопатот што го гради конзорциумот „Бехтел и Енка“.
-Причина за продолжување на рокот за изградба на автопатот е застојот од 2 години бидејќи претходната влада не направила ништо. Надзорниот инженер на проектот во ноември побара да се надополни тој период од рокот за изградба и ние немавме друг избор освен дека прифатиме. Одиме на рокот на завршување декември 2029 година што не значи дека нема да се завршат делови пред тој рок– рече Николоски.
Тој рече дека не очекува да се бара анекс на зголемување на цената на чинење.
-Не очекувам да има зголемување на цената на чинење. Експропријацијата е завршена, а како што реков рокот за изградба ќе биде продолжен за 2 години – рече Николоски.
Тој додаде дека има уште два предизвика во однос на изградбата на двата дела на автопатот од Тетово до Букојчани пред да се почне со изградба на автопатот.
-На трасата има голем број водови, оптички врски, далноводи, телефонски, електрични врски, водоводни и канализациони врски, и главниот канал за наводнување на Полог. Треба да се биде внимателен за да не се нарушат овие системи. Во делот од Гостивар до Букојчани имаме почист терен, но изведбата ќе биде посложена бидејќи маме планински терен – рече Николоски.
Според него третиот предизвик е тоа што од Тетово до Гостивар има голем број општини и населени места кои треба да се поврзат со надвозници.
-Има голем број населени места, кои треба да се поврзат со автопатот, посебно во делот Тетово – Гостивар. Сето тоа треба да се заврши пред да се почне со работа на автопатот – рече Николоски.
Николоски рече дека за тој период ќе се одржува сегашниот пат Тетово Гостивар, со цел да се овозможи проток кон Маврово.