Зајас ли е, Шангај ли е, напирунде паламанде

Барем еднаш да се охрабриме како народ и да кренеме бело знаме. Да си признаеме дека за ништо не нѐ бидува. Да си признаеме дека ние не заслужуваме да имаме држава, а уште помалку Македонија заслужува да нѐ има нас - такви себични, злобни и прости...

2,787

Дали се познавате и каков однос имате со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со оглед на тоа што и двајцата потекнувате од исто село?

Очекувано, ова беше едно од новинарските прашања што вчера му беа поставени на новоизбраниот шеф на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази, за време на неговото прво обраќање до јавноста.






– Можеби некогаш сум се сретнал со господинот Ахмети, ама немаме лични контакти – одговори видно вознемирениот Абази, додека капките пот му се тркалаа по лицето, образите му се руменееја ко на селска невеста, а очите му шараа голу-долу и успешно одбиваа директно соочување со камерите.

Колку и да е така како што тврди Абази, сепак тешко е човек од прва да му поверува дека еден потенцијално амбициозен јавен обвинител од Зајас не се сретнал макар во џамија, во чајџилница или на улица со докажано амбициозниот Али Ахмети, исто од Зајас.

Не за друго, вака може човек да влезе во заблуда и да си направи слика во главата дека Зајас не е село со едвај 3.000 резидентни жители, туку дека е предградие на Шангај, на пример, каде што тешко е со еден ист човек да се сретнеш двапати во животот, макар да ти бил и прв комшија.

Но, нејсе, така тврди главниот јавен обвинител и ние сме должни да му веруваме сѐ додека не се докаже спротивното. И стварно голема штета беше што довербата не успеа да потрае барем цел еден ден, туку веднаш беше распрсната на парчиња, згмечена, пеплосана…

Едноставно, човек да не биде раат со она новинарине. Замисли, по само неколку часа откако Абази тврдеше дека не е во блиска релација со партијата на Ахмети, новинарите му извадија цели албуми со фотографии на кои се гледа јавниот обвинител како другарува со функционери на ДУИ.

И во истиот тој момент, не само што се покака самиот Абази, туку се покака Јавното обвинителство како институција, се покака и правната држава, се покака системот, се покакавме сите ние што верувавме дека сѐ уште постои надеж и дека ќе нѐ биде. Ние таквите не само што се покакавме, туку и ќе си го изедеме какето. И нашето и нивното.

Како сакате сфатете ме, ама ова крај нема, а ние тонеме сѐ подлабоко и подлабоко. Постојано се обидуваме да заличиме на држава, ама личиме и смрдиме само на лепешка.

И треба да се предадеме. Барем еднаш да се охрабриме како народ и да кренеме бело знаме. Да си признаеме дека за ништо не нѐ бидува. Да си признаеме дека ние не заслужуваме да имаме држава, а уште помалку Македонија заслужува да нѐ има нас – такви себични, злобни и прости…

Треба да молиме за прошка. И за помош. Нам ни треба стручна помош. Треба некој да нѐ седне на кожен двосед, да ни тутне салфетки за бришење солзи и да се обиде да ни доведе ред во мислите (а тој некој да не е Тино Кајшаров оти наебавме уште толку).

Потребно е да сфатиме дека не сме родени за да бидеме водачи. Маршалот одамна се одјави, а македонски Рагнар Лодброк не се родил, ниту, пак, некогаш ќе се роди.

Затоа, предлагам, кога веќе имаме дефицит на луѓе од мајка родени и кога немаме водачи во вистинска смисла на зборот, потребно е да си ги увеземе. А како да го направиме тоа? Многу едноставно – ќе си ги купиме!

Потребен ни е главен јавен обвинител? Ќе си платиме човек, школуван, врвен експерт во таа област. Јапонец, роден во Токио. Далеку од Зајас. Ќе му понудиме пари колку што не може ни да замисли. И ќе го молиме да нѐ стави во ред.

Ни треба сериозен премиер-лидер, кој умее да се справува со предизвиците и да ја предводи земјава кон светла иднина? Во ред, предлагам некој Данец, Литванец или некоја Швеѓанка. Ќе си ги платиме и ќе ги преплатиме. Сигурно нема да нѐ чинат повеќе од тоа што нашиве можат за неколку месеци да го испокрадат. И не мора ни тука да живеат. Нека си уживаат во својата татковина и нека ја водат државава онлајн, ко на игрица.

И можеби ви звучам чудно, смешно и несериозно, ама па и вие не сте нешто за фалење.

Поврзани содржини