Вулгарна историја, или: кога мртвите би говореле…

Имено, ако според некои блиски до егзактни проценки оној СССР во текот на Втората светска војна загубил помеѓу осум и десет милиони војници, што заедно со цивилните загуби изнесува околу 20 милиони души, а САД околу 407.000 загубени војници (од кои 220.000 во Европа) односно 418.500 (вкупни) загуби, за што тогаш говорат господинот Трамп, Стармер, Чарлс Трети, г-ѓа Урсула и компанија?

486

Сигурен сум дека во бројните меѓународни документи и прогласи за човековите права никаде не пишува дека баш и креирањето на сопствена историја на светот е едно од таквите права. Лична историја – да, и тука дури ни Трамп не би бил исклучок, освен што тој се плетка во нешта што не ги знае, а ја тангираат историјата на другите, што ќе рече и правата на другите во таа насока. Не дека САД немаат голем, огромен удел во победата на прогресивните светски сили над злото во Првата и Втората светска војна. И не дека некој тоа сака да го заборави или потцени, напротив. Но прилично е несериозно тие да се самопрогласат за единствените што имаат право да се наречат победници, посебно во Втората светска војна!

Иако велат – особено нашиве „интелектуалци“ – дека сила бога не моли, овде силата не помага. Ни милиметар, ни грам. И историската наука и историските книги нема да сменат ни страница само заради тоа што новиот претседател на САД така сака. Како што историската наука не го смени ставот ни за учеството на Бугарија на страната на фашистичко-нацистичката оска на злото во Втората светска војна, нејзината окупација на Македонија и злосторствата што тогаш ги направила, независно од желбите на некојси Димитров, Радев, Јотова и компанија!






Идентично како и онаа лакрдија со учеството на украински војници на парадата по повод Денот на победата во Лондон, како некаков божемен симбол на цврстата поддршка на Велика Британија за Киев во „војната со Русија“. Тие можат да го поддржуваат Киев колку сакаат, ама каква врска има тоа со ваквото вулгарно извртување на историјата и внесувањето на украинска војска на страната на победниците? И која црна Украина и каква нејзина војска учествувала во тие историски настани? И слушнал ли оној дилетант Стармер, па и „н.е.“ (малите букви се соодветни на неговиот „формат“!) Чарлс Трети за дивизијата „Галиција“, на пример?

Или каков виц треба да биде онаа опомена на еу (малите букви се…) до две земји членки, Унгарија и Словачка и до една земја кандидат, Србија, заради намерата нивните највисоки државни претставници да присаствуваат на парадата на Црвениот плоштад во Москва? И како тоа на полуписменине бирократи во Брисел им се чини дека со тоа на рускиот претседател би му се дал некаков легитимитет за една „со ништо неиспровоцирана агресија“ врз Украина, ама не им пречи што на Русија ќе ѝ се одземе историски безпоговорното право на третман на победник? Или онакви минорни какви се, токму тоа „ги пали“ – сакаат да се закачаат баш со Путин? И дали уличарската вулгаризација на целото декадентно европско совремие, а сега и на не така далечната историја, е истиот возбудлив „hard core“ за еу бирократите?

А дали и т.н. „француски предлог“ како бизарна предигра за главниот „чин“ на започнувањето на македонскиот пристапен процес и отворената поддршка на „идентитетската војна“ на Бугарија контра Македонија се дел од истиот „еуфоричен пакет“? За којшто и некои „наши“ овде, без „национален инстинкт“ советуваат дека така ќе сме ги „заебеле“ Бугарите, особено ако ги вметнеме во Уставот!

Но, сега замислете ако вакви „приказни“ се подметнуваат за нешта што се случиле само пред 80 години, за една од најкрвавите и најзлосторничките војни во историјата на Европа, во којашто учествувале – на ѕверската страна! – барем неколку (сега „горди“) членки на оваа и ваква еу, и ако нејзините највисоки политички претставници в лице го лажат светот и ја прекројуваат историјата, што ли и како се случува со бугарските приказни што овие им ги раскажуваат на заедничките самозадоволни сесии во Брисел? Можете ли да замислите какви бајки раскажувал оној Борисов – и тој еднакво полуписмен како и европјаните – за Кирил и Методиј, за Самоил, за етногенезата на Македонците…, за ѕверствата во Балканските, Првата и особено Втората светска војна што токму Бугарите ги вршеле на овие простори? Или, ако ние навистина сме Бугари, тогаш, сериозно, го масакрирале ли – сопствениот народ? И тие и такви убијци на „својот“ народ се членка на еу?

Но, Бугарите не заслужуваат толкаво внимание и јас ќе се вратам на темата. Имено, ако според некои блиски до егзактни проценки оној СССР во текот на Втората светска војна загубил помеѓу осум и десет милиони војници, што заедно со цивилните загуби изнесува околу 20 милиони души, а САД околу 407.000 загубени војници (од кои 220.000 во Европа) односно 418.500 (вкупни) загуби, за што тогаш говорат господинот Трамп, Стармер, Чарлс Трети, г-ѓа Урсула и компанија? Ако пак и една мала тогашна Југославија имала воени загуби од 446.000 војници и околу еден милион вкупни цивилни и воени загуби, каков е во тој случај редоследот на победниците?

Ако пак, за споредба, една Данска немала (!) воени загуби (но имала цивилни од околу 6.000 луѓе), Холандија околу 6.000 воени загуби, Белгија 12.000 воени загуби, Естонија нема воени загуби (а и како би ги имала?) туку има околу 51.000 цивилни загуби, Шпанија има воени загуби но на страната на фашистичката Оска…, за што тогаш овде говориме? И кој треба да слави а кој да се реди во последниот ред на славениците и да – молчи? Не мора буквално, се разбира, и не ми паѓа на памет да го мерам придонесот на одделни држави низ бројките на загинатите во војната, но сепак, не треба ли да се има малку почит кон жртвата на другиот? Или таа лекција од добро воспитување и култура европјаниве не ја учат ни дома ниту пав во училиште? Американците уште помалку?!

За оние во Латвија и Литванија не сакам ни да трошам зборови – тие како воопшто и да не слушнале за зборовите култура, добро воспитување и сл. Замислете, Литванија изјавила дека го забранува прелетот на авионот на Вучиќ за Моска поради „дипломатска чувствителност“, а Латвија била малку „повдахновена“ па правејќи го истото малку ја накитила изјавата како „политичка чувствителност за целта на летот“! Која „цел“, присуството на парада во Москва има третман на „политичка чувствителност“? Но кога рускиот војник гинеше за да ги ослободи – тогаш тоа беше добра „цел“?!

И што ли, според доминантниот „западен светоглед“, ќе се случи со оние кои ќе се појават во Москва на 9 Мај? Америка и Обединетото кралство ќе ги стават на нивните „црни листи“, а еу што ќе им направи? Ќе им плукне под прозорец?

Неразбирлив е ваквиот кошмарен срам и крајната невоспитаност од страна на (наводно) демократска Европа, а особено на еу. Зарем навистина не се срамат оние држави – сега „горди“ членки на еу – кои буквално ја преспаа Втората светска војна криејќи се во своите домови додека други крвареа за нив, кои се правеа дека не знаат што се случува во другите делови на Европа и светот, не беа слушнале за концентрационите логори, кои чекаа некој да ги ослободи од германската чизма? И сега тие пропишуваат кој може да слави а кој – не?! Па само тогашна Југославија даде повеќе жртви од сите половината земји-членки на еу заедно, ама сега Вучиќ не смеел да оди во Москва?

Впрочем, каква врска има Путин со Денот на победата? Тој е сега случајно таму, утре ќе биде некој друг, трет… Или проблемот е во Русија како таква, во обидите да се релативизираат фашистичките злосторства, но и во повампирениот фашизам во Европа? И како, ве молам, токму тој „ѓавол“ Путин, веднаш на почетокот на неговиот говор на Денот на победата во Москва, знае да ги потенцира заслугите на здружените сили во борбата против наци-фашизмот во Европа и светот, да се заблагодари за отворањето на „вториот фронт“ итн., ама оние „демократине“, „цивилизиранине“ простаци од Запад не сакаат ни „Р“ од Русија да спомнат во нивните „победнички“ говори?

Жалам што Македонија – освен лидерот на „Левица“! – не смогна сили да се издигне над оваа политикантска перверзија со Денот на победата зашто и таа даде придонес во победата над фашизмот. Во човечки жртви, не на зборови и удирање в гради. Тие жртви – околу 33 илјади загинати борци и цивили! – веројатно не би ги интересирале денешните политикантски надмудрувања и пазерања што е „опортуно“ за државата а што не. Тие го дале животот за слободата на оваа земја и, претпоставувам, најмалку што можевме да направиме е за тоа да им оддадеме соодветна почит не само дома туку и на меѓународен план. Подметнувањето на нецивилизирани и лажливи „дилеми“ од секакви суетни шушуми кои цел живот само нешто грабаат е непристојно и невоспитано. Особено кон жртвите, кон оние кои го дале животот за ова денес, па и за такви некадарници!

Поврзани содржини