ВРЕМЕ Е ЗА ОДЛУКИ, НЕ ЗА НОВИ ОДЛОЖУВАЊА Муцунски бара предвидливост и решителност во евроинтегративниот процес на Македонија

Европа не смее да ја изгуби довербата на граѓаните кои две децении веруваат во европскиот проект, рече министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски во обраќањето пред 23-от Мешовит парламентарен комитет меѓу Македонија и ЕУ.

448

Оваа година навршуваат две децении од добивањето на статусот кандидат за членство во Европската Унија, рече министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, кој попладнево се обрати на 23-от Мешовит парламентарен комитет меѓу Македонија и ЕУ, што денеска се одржа во Скопје.

– Дваесет години на реформи, компромиси, често тешки и болни, но секогаш водени од визијата за европска иднина. Македонските граѓани останаа посветени на европските вредности и покрај предизвиците и разочарувањата на овој долг пат. Денес, повеќе од кога било, потребни се јасност, предвидливост и решителност во нашиот интегративен процес. Европа не смее да ја изгуби довербата на граѓаните кои две децении веруваат во европскиот проект – истакна министерот Муцунски.






Во своето излагање, министерот ја потврди целосната посветеност на Владата на процесот на европска интеграција, со засилен фокус на имплементацијата на клучните реформи.

– Во надворешната политика остануваме доследен партнер на ЕУ, со целосно усогласена заедничка надворешна и безбедносна политика. Нашата поддршка за Украина, учеството во санкциските режими и активната улога како НАТО-членка покажуваат дека не сме само набљудувач, туку чинител во градењето на европската безбедност. Како прва земја од регионот, потпишавме Партнерство за безбедност и одбрана со ЕУ – нова сеопфатна рамка за продлабочена соработка во оваа област – рече Муцунски.

 

Тој ги истакна и добрососедските односи и регионалната соработка, при што потенцираше дека Македонија останува пример во регионот за градење на стабилни партнерства со соседите, со подготвеност за дијалог и заеднички решенија.

На крајот, министерот Муцунски ја изрази благодарноста за досегашната поддршка на Европскиот парламент и повика на уште поголема активност во следните години, со цел конкретни и одлучни чекори кон европската иднина на Македонија.

– Дваесет години сме кандидат за членство во ЕУ. Чекориме по пат што постојано се менува, станува потежок и помалку предвидлив. Но, ние не се откажуваме. Веруваме во Европската Унија, веруваме во европските вредности и веруваме дека нашето место е во европското семејство. Време е за одлуки, а не за нови одложувања. Време е зборовите да станат дела, а процесот на проширување да стане реалност – заклучи министерот Муцунски.

Во своето обраќање, министерот Муцунски го истакна и значењето на Мешовитиот парламентарен комитет меѓу Македонија и ЕУ како континуиран, посветен и силен поддржувач на евроинтегративните процеси на државата, кое дополнително придонесува кон развојот на соработката меѓу Собранието и Европскиот Парламент.

Поврзани содржини