ВРЕМЕ Е И НИЕ ДА ПОЧНЕМЕ ДА СМЕТАМЕ НА ЕВРОПА Мицкоски побара фер третман и почесна и поотворена потврда од ЕУ
Вие подобро од кој било знаете дека патот до членството не е лесен и мојата порака е да останете на тој пат, да ги преземете чекорите потребни за отворање на пристапните преговори. Тоа ќе значи дека ЕУ на Македонија ќе ѝ дава уште поголема поддршка, рече високата претсавничка на ЕУ, Каја Калас.
Ние се фокусираме на план А и се обидуваме тој да профукционира, кога се префрлате на план Б звучи како план А да излегува од игра, рече високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас на заедничка прес-конференција во Владата со премиерот Христијан Мицкоски.
– Работиме на тоа планот А да е успешен. Доколку не е, ќе поминеме кон следната фаза – одговори Калас на новинарско прашање дали во ЕУ работат на тоа да се најде начин за надминување на застојот во македонските интеграции, кои застанаа кај уставните измени како обврска на Македонија.
Европската Унија останува со Македонија на патот кон целосното интегрирање, порача таа.
Високата претставничка истакна дека разговарале за повеќе теми, при што потенцира дека земјава е првиот корисник во регионот на она што го нуди Планот за раст на Западен Балкан, како и прва држава која го потпишала Партнерството за безбедност и одбрана со ЕУ. Нагласи дека на средбата со Мицкоски, меѓудругото, се разговарало за напредокот на македонската економија и истакна дека тој процес е од големо значење и за самата Унија.
– Ова партнерство подразбира заедничка работа за Украина и во сферата на борбата против тероризмот секако, а тоа покажува дека функционира постепената интеграција. Но, двете страни сакаат повеќе и тоа е мошне јасно. Северна Македонија припаѓа во ЕУ. Вие имате навистина долга историја на усогласување со надворешната и безбедносна политика на ЕУ, а тоа нам ни е особено многу важно во овие трубулентни времиња, кога гледаме дека има сериозни геополитички промени во светот – рече Калас.
Таа говореше за напорите кои се преземени од страна на Владата во однос на реформаката агенда.
– Вие подобро од кој било знаете дека патот до членството не е лесен и мојата порака денеска е да останете на тој пат, да ги преземете чекорите потребни за отворање на пристапните преговори. Тоа исто така ќе значи дека ЕУ на Северна Македонија ќе ѝ дава уште поголема поддршка, без разлика дали станува збор за владеењето на правото, борбата против корупцијата или модернизирањето на јавната администрација – нагласи Калас.
Таа додаде дека од искуство знаат дека напредокот може да биде брз доколку има политичка волја, а како добар пример за тоа ги посочи Албанија и Црна Гора.
– Секако Северна Македонија се соочува со носење избор за своите граѓани и за иднината. Веруваме дека интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е најдобриот рецепт за мир и безбедност во целиот регион. Затоа ајде да се придвижиме заедно. Сакам да ве уверам дека ЕУ останува покрај вас – порача Калас.
Премерот Мицкоски побара почесна и поотворена потврда од ЕУ за Македонија, бидејќи, како што истакна, не се однесуваат сите земји членки во европскиот дух.
– Разговаравме отворено, како што и доликува на партнери кои се стремат кон заедничка иднина. Разговаравме за патот кон Европската Унија – пат кој не беше ни лесен, ни краток, ниту секогаш праведен. Пат со многу предизвици, компромиси и за жал, предолго чекање. Нашата определба останува јасна, ние припаѓаме во ЕУ. Не затоа што некој ни го должи тоа, туку затоа што со децении градиме општество на демократски вредности, владеење на правото, човекови права и добрососедство. Затоа што ние вложуваме, се жртвуваме и се менувам, со надеж дека трудот ќе биде препознаен. Меѓутоа, таа определба мора да биде возвратена. Оваа држава има право да очекува многу појасна, поотворена и почесна потврда од самата Унија. Затоа што, ќе се согласиме – не сите земји членки, и не секогаш, се однесуваат во европскиот дух – рече премиерот Мицкоски во своето излагање.
Тој додаде дека денеска во разговорот со Калас побарал фер третман.
– Побарав доследност. Европа да покаже лидерство кое што ќе донесе нешто вредно за граѓаните во реалност. Да се врати довербата во европската идеја, особено кај младите. Да покажеме дека ЕУ, туку за нас е жива визија – заедница на вредности, отворена за оние што ги живеат тие вредности. Денес не само што зборуваме за реформи – ние ги живееме тие реформи. И тоа не го правиме за да добиеме аплауз, туку затоа што веруваме дека тоа е вистинскиот пат. Веруваме во европскиот сон, но и бараме да биде сон достапен за сите – рече Мицкоски.
Тој додадде дека верувам во визијата на ЕУ како заедница која ги вреднува принципите, не го заборава придонесот и знае кога е време да го направи вистинскиот чекор.
– Нашата рака останува подадена. Отворени сме за пријателство, за дијалог и соработка. Но, стоиме цврсто, исправени и достоинствени, со јасна порака: ние сме подготвени. Европа може да смета на нас, а сега е време и ние да почнеме да сметаме на Европа – рече премиерот.