ВОЗАЧИ СВЕСТЕТЕ СЕ, НАД 21.000 КАЗНИ ЗА МЕСЕЦ ДЕНА Рекордни прекршоци за брзина, алкохол и телефонирање
Од МВР најавуваат дека засилените контроли ќе продолжат и во текот на јуни, со цел да се намали бројот на прекршоци и да се зголеми безбедноста.
Во текот на минатиот месец, полициските службеници на територијата на целата држава изрекле вкупно 21.178 казни за сообраќајни прекршоци, покажуваат податоците на Министерството за внатрешни работи.
Според МВР, најголем дел од санкциите се однесуваат на непрописно паркирање (5.480 прекршоци) и возење со брзина поголема од дозволената (5.458 казни).
Во официјалното соопштение, Министерството информира и дека 2.114 возачи биле фатени зад воланот без возачка дозвола, што претставува сериозен ризик за безбедноста во сообраќајот.
„Континуирано ја засилуваме контролата со цел да ја подобриме безбедноста на патиштата. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила, затоа што секој прекршок може да значи животна опасност, како за самите возачи, така и за останатите учесници во сообраќајот“, велат од полицијата.
Освен казните за возачите, 527 пешаци се казнети за неправилно преминување улица, а санкционирани биле и шест возачи на електрични тротинети и седум велосипедисти.
Казни се изречени и за други опасни навики:
775 возачи користеле мобилен телефон додека возеле,
1.203 не носеле сигурносен појас,
744 мотоциклисти биле без кацига.
Алкохолот исто така останува проблем на патиштата – 567 возачи управувале возило под дејство на алкохол, а 113 поминале на црвено светло.
Во рамки на контроли по Законот за возила, полицијата регистрирала 153 технички неисправни возила и 500 случаи на возење без валидна регистрација.
Од МВР најавуваат дека засилените контроли ќе продолжат и во текот на јуни, со цел да се намали бројот на прекршоци и да се зголеми безбедноста.