ВОДАТА МОРА ДА Е НАЦИОНАЛЕН СТРАТЕШКИ ПРИОРИТЕТ КАКО ШТО Е СТРУЈАТА Почна проектот за отпорни и ефикасни комунални претпријатија

Современите водоводни претпријатија мора да се насочат кон дигитализација, енергетска ефикасност и долгорочно управување со водните ресурси и само преку ваков системски и одржлив пристап може да се обезбеди ефикасно и одговорно извршување на улогата на јавните претпријатија, рече градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

1

Градоначалникот на Битола Тони Коњановски присуствуваше на конференцијата со која официјално почна проектот „Отпорни и ефикасни комунални претпријатија“, чија главна цел е да се зголеми отпорноста и ефикасноста на претпријатијата во услови на климатски промени, енергетски кризи и иселување на населението.

– Јавната вредност на едно водоводно претпријатие не треба да се гледа единствено преку обезбедување вода до секој граѓанин. Водоснабдителниот систем има многу поширока и позначајна улога, бидејќи водата претставува основен ресурс за живот, јавно здравје, економски развој и одржливо функционирање на заедницата – рече Коњаносвки.






Затоа, додаде, успешноста на едно претпријатие треба да се мери преку јасно дефинирани и мерливи показатели.

– Тоа се финансиската стабилност, степенот на модернизација на системот, намалувањето на загубите на вода, ефикасноста во мерењето и наплатата, квалитетот и сигурноста на услугата, како и брзината на реакција при дефекти и интервенции. Дополнително, современите водоводни претпријатија мора да се насочат кон дигитализација, енергетска ефикасност и долгорочно управување со водните ресурси. Само преку ваков системски и одржлив пристап може да се обезбеди ефикасно и одговорно извршување на улогата на јавните претпријатија и создавање реална јавна вредност за граѓаните – рече градоначалникот на Битола.

За предизвиците на водоводните претпријатија говореше и директорот на ЈП „Водовод“ Битола, Андреј Гинов.

– Дигиталните алатки и податоците денес имаат клучна улога во управувањето со јавните претпријатија. Современиот мониторинг и дигиталното управување со водоснабдителните системи повеќе не се избор, туку основен предуслов за ефикасно, одржливо и професионално работење. Традиционалниот начин на управување со водоснабдителните системи е одамна надминат. Современите системи мора да се темелат на дигитализација, стручност, континуирана анализа на податоци и навремено донесување одлуки – рече тој.

Дигитализацијата, додаде, овозможува прецизно следење, анализа и контрола на водните ресурси – од влезните количини до испорачаната и фактурирана вода.

– Со примена на современи дигитални системи и управување базирано на податоци, јавните претпријатија можат побрзо да реагираат при дефекти, да ги намалуваат загубите на вода и поефикасно да управуваат со ресурсите и инфраструктурата. Доколку во минатото водоснабдувањето било дел од националните стратешки приоритети, денес тоа мора да добие уште поголемо значење и институционална поддршка, на исто ниво како електричната енергија и другите стратешки ресурси – истакна Гинов.

Поздравни обраќања на конференцијата имаа и заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска и амбасадорот на Швајцарија Кристоф Зомер.

Проектот е финансиран од Владата на Швајцарската Конфедерација, претставувана од Државниот секретаријат за економски прашања, со придонес на Министерството за животна средина и просторно планирање на Македонија и седум општини и комунални претпријатија корисници: Битола, Берово, Кочани, Куманово, Радовиш, Струмица и Виница.

За реализација на проектот се обезбедени 6,5 милиони швајцарски франци грант, а Министерството за животна средина учествува со половина милион швајцарски франци.

На ЈКП „Водовод“ – Битола му е доделен грант во вредност од 100.000 швајцарски франци, наменет за модернизација на системите и за подобрување на следливоста и управувањето со водоснабдувањето во руралните средини.

Поврзани содржини