„ВО СЛЕДНИТЕ 8 МЕСЕЦИ ЌЕ СЕ ИЗНАСЛУШАМЕ КОЈ СÈ Е ГЛАВЕН ВО ДРЖАВАВА“ Ковачевски смета дека „премиерот Груби“ е дел од предизборниот наратив
Премиерот Димитар Ковачевски денеска на прес-конференција рече дека СДСМ ќе излезе со свој став во однос на тајмингот и моделот за изборите.
– Во однос на изборите, на тајмингот и во однос на моделот, дали одвоени или заеднички, тоа ќе биде одлучено на заедничка средба меѓу сите политички партии што учествуваат во овој изборен циклус. Различни партии имаат различно гледање во однос на законските обврски во однос на трошоците кои произлегуваат, но сметам дека пред нас имаме доволно време за да договориме сѐ како што е потребно за Македонија да го продолжи својот пат кон градење на исклучително ниво на демократско општество – рече Ковачевски.
Тој истакна дека СДСМ како водечка партија во Коалицијата ќе излезе и со свој став и тој ќе биде хармонизиран со сите.
На новинарско прашање да даде коментар за тоа дека Артан Груби вчера на промоција на секретаријатите на огранокот на ДУИ бил поздравен како премиер, Ковачевски рече дека во моментов Македонија ја води премиер Македонец и оти тоа е дел од предизборниот наратив.
– Веќе влегуваме во еден период на предизборие, така што во наредниот период од осум месеци ќе се изнаслушаме кој сѐ е главен. Меѓутоа, клучно е како можеме да функционираме еден Македонец, еден Влав и еден Албанец да склопиме буџет, да го поднесеме на Влада, и да го одобрат министрите и притоа да се заврши развојната компонента. Со тоа ја праќаме пораката дека силата е во заедништвото и им благодарам и на Филип и на Фатмир – рече Ковачевски.
Претседателот на огранокот на ДУИ во Чаир, Беким Незири, вчера го поздравил како „премиер Албанец“ првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците од редовите на ДУИ, Артан Груби.