„ВО РУДАРСКАТА ИНДУСТРИЈА НЕМА ПРОСТОР ЗА ГОЛ ПОПУЛИЗАМ“ Колумнистот Грозданов против еколошките „лажњаци“ и со визија за долгорочен економски развој
Развојот на рударската индустрија во Македонија е прашање на визија за долгорочен економски развој. Тука нема простор за политиканство и гол популизам, а борбата за гласови да се води на други теми, порачува во својата најнова колумна за Нетпрес, аналитичарот и металуршки инженер Виктор Грозданов.
Активистите кои велат „СТОП за рудници на смртта“, Грозданов ги нарече еколошки „лажњаци“ бидејќи се опасни и неискрени во делувањето. Тие пласираат манипулативни информации и креираат паника кај населението со цел да создадат револт заради кој целата јавност не сака да ја слушне вистината.
„Измамите се движат дотаму дека кога би се отворил некој рудник би се создале Пм 2.5 честички со сулфати, кои наводно магично ќе прелетале до Скопје. А и ученик од 7 одделение, на наставата по Географија научува дека Македонија е 75% планинска држава. Едноставно, ова тврдење е толку несериозно што претставува школски пример за манипулативна комуникација во јавноста. Невозможно е да се случи, па дури и сите ветрови на светот во еден момент да дуваат во исто време во правец на Скопје. Втора измама која ја вели наводниот еко активист, а ја објавува во сериозен медиум вели дека ќе имало сулфур диоксид. Што премолчува? Таму нема пирометалургиска постапка (народски се вика пржење) така што нема ниту теоретски можности да се појави сулфур. Металургијата е егзактна наука“, пишува Грозданов.
Уште две измами, од незнаење или свесно, се кажани од министерката за животна средина Каја Шукова, која вели дека ќе се употребува цијанид, а тој е забранет од 2019 година и дека во рударскиот комплекс „Иловица-Штука“ ќе имало брана за хидројаловиште, а сите рудници кои сакаат да работат во Македонија преминаа на сува јаловина без употреба на вода, уште пред три години, обелоденува Грозданов.
„Значи нема брана. И замислете ги сега заканите. Дека рудниците ќе извршеле еко геноцид и затоа еко лажњаците нема да дозволат да биде отворен рудник на елегантен, ама неумолив начин без насилство. Ова не се зборови на активисти. Ова се зборови на интересџии. Кои интереси ги водат брзо се дознава“, пишува Грозданов.
Еден пример на еколошки „лажњак“ е претходно прозваниот Мики Крстев. Тој, пишува Грозданов, ја добил улогата на месинџер кој треба да создаде магла дека младите се против рударската индустрија.
„Нѐ уверува дека отворање на рудник е ‘луда идеја’ затоа што Струмичката котлина е загрозена, а истата ја рани Македонија. Значи, Струмичката котлина учествува со 11% во вкупното производство во гранката наречена земјоделие. Но, клучното прашање на кое Мики не одговара, е зошто тој лепчето не го вади во Струмичката котлина, туку во Комунална хигиена Скопје? Нели е врвна манипулација да бараш земјоделците од Струмичко да се борат против „рудникот на смртта“, а ти да си работиш во Скопје?“, прашува Грозданов.
За нормален живот сме ние нормалните прагматичари кои сакаме благодетите кои ни ги дава на располагање милата Земја планета да бидат рационални ползувани. Затоа Грозданов апелира дека мора да ги браниме нашите деца и да им ветиме иднина. А таа иднина се гради на едноставен начин.
„Доколку имате гранка која носи финансиски приходи мора да се развива. Таа гранка се вика БАКАР. Огромна жица на БАКАР поминува низ Источна Македонија. Вредноста на прва руда со сите отворени и неотворени рудници на скапоцени метали во Македонија се мери во капитал од многу милијарди евра. Македонија мора да создаде Јавно претпријатие Топилница на обоени метали олово, цинк, бакар, злато и сребро). Лична сопственост на Македонија и со надлежност за трговија со металите ископани на нејзина територија“, пишува Грозданов.
Ова е само дел од стратегијата која ја пишуваме ние нормалните кои велиме дека „Бронзеното време“ го развило земјоделието, транспортот и комуникациите. За „Патлиџан време“ не слушнал никој, дури ниту вистинските екологисти не разбираат дека патлиџан всушност мора да се вика „домата“, пишува Грозданов.