ВО ПРЕДЕН ПЛАН ДИСКУСИИТЕ МЕЃУ С МАКЕДОНИЈА И БУГАРИЈА Макрон предлага краткорочни перспективи за регионот

1,193

Францускиот претседател Емануел Макрон пред враќањето во Париз се осврна на самитот во Брдо, велејќи дека имало добри дискусии за Балканот и проширувањето, но дека се појавиле многу сложени ситуации, така што денеска во преден план на масата се најдоа и дискусиите меѓу Северна Македонија и Бугарија.

– Имавме многу убава дискусија за Балканот и перспективите за проширување. Имаме многу сложени ситуации меѓу повеќе земји. Дискусиите Србија-Косово, односно Белград-Приштина остануваат многу сложени и затегнати. Поминавме долго време со нивните раководители, заедно со канцеларката Меркел –  рече Макрон.  






Тој ги наведе и дискусиите кои се водат меѓу Скопје и Софија, нагласувајќи дека е потребно да му се дадат краткорочни перспективи на регионот.

– Денеска во преден план на масата се најдоа и дискусиите меѓу Северна Македонија и Бугарија. Треба да напредуваме по овие прашања. Но, нашата желба е да му се дадат вистински краткорочни перспективи на Балканот. Тој е во Европа, Западен Балкан е во Европа – изјави Макрон.

Францускиот претседател е загрижен од враќањето на историјата и големите тензии во регионот, залагајќи се за заеднички пристап на малцинствата во целиот регион.

– Денес на еден начин имаме враќање на историјата и големи тензии, на кои треба да се одговори со политички ангажмани и со инвестирање за да се овозможи поголема трговска, човечка интеграција на регионот. И на крај да имаме политика, да имаме заеднички пристап за начинот на кој се третираат малцинствата, прашање кое го опфаќа целиот регион – рече тој.

Според Емануел Макрон, Европската Унија има два предизвика, реформата на своите институции и проширувањето.

– Мислам дека ЕУ има два предизвка, иако има многу други ако се гледаат сите прашања, но на институционален план има два. Најпрво треба да се прошириме и да имаме дискусии со соседството, особено Русија и Турција.  И истовремено треба длабоко да го трансформираме нашето заедничко функционирање, кое веќе е многу тешко со 27 земји членки, тоа го гледате добро. Ние ја имаме таа двојна задача, која мислам дека е комплементарна – истакна Макрон.  

Поврзани содржини