ВО КУМАНОВО ЌЕ СЕ ОТВОРИ КОНЗУЛАТ НА РЕПУБЛИКА СРПСКА Цвијановиќ вечерва на Академијата во чест на Свети Сава во Скопје
Претседателката на Република Српска денеска ќе се сретне со претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Kако дел од активностите поврзани со одбележувањето на националниот празник на Србите, Денот на Свети Сава, од денеска во земјава престојуваат министерот за надворешни работи на Република Србија Никола Селаковиќ и претседателката на Република Српска Жељка Цвијановиќ.
Таа по средбата со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, рече дека со задоволство ја започнува својата официјална посета на Северна Македонија во Куманово, пријателска локална заедница која има добра долгорочна соработка со општините во Српска. Оваа соработка во моментов е на полето на културата, со тенденција за проширување на економска соработка, за што било разговарано на средбата.
Новинската агенција Срна објави дека Цвијановиќ истакнала дека ја радува фактот што сите народи, вклучително и српската заедница во Куманово, живеат во хармонија и ги почитуваат потребите на сите етнички заедници.
– Тоа е одличен пример за соживот. Мислам дека односите меѓу Република Српска и Северна Македонија, но и другите земји од регионот треба да се продлабочат и прошират. Имаме огромен економски потенцијал, но и силен политички капитал и врз основа на тоа ни треба да изградиме подобри односи, инфраструктура, да ги поврземе нашите граѓани во сите области – изјави Цвијановиќ за РТРС.
Цвијановиќ им се заблагодари на претставниците на Куманово за гостопримството и прославата на Савинден, кој, како што рече, е важен датум за српската заедница што живее во овој град.
На средбата со градоначалникот Димитриевски, Цвијановиќ беше придружувана од почесниот конзул на Србија во Северна Македонија Владимир Стајиќ, па така станало збор и за скорешното отворање на конзулатот што ќе биде со седиште во Куманово.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, се заблагодари за посетата на високата делегација од Република Српска, предводена од претседателката Жељка Цвијановиќ.
– За нашата општина ова е важен ден и важна посета, особено за српската заедница. Разговаравме за многу теми. Важно е да се каже дека имаме соработка со многу општини од Република Српска и од БиХ – рече Димитриевски.
Тој рече дека на денешната средба се разговарало како и на кој начин да се подобри досегашната соработка, но и како повеќе да се заснова на економската соработка.
На средбата присуствуваше и амбасадорот на БиХ во Северна Македонија, Драган Јаќимовиќ.
Претседателката на Република Српска денеска ќе се сретне со претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, а вечерва ќе присуствува на Академијата во чест на Свети Сава по повод националниот празник на Србите во Македонија. Во официјалниот дел од програмата предвидено е да им се обрати на гостите, пренесе агенцијата Срна.