Во Израел рекордни 5.000 заразени, почнува тринеделен карантин
Повеќе од 500 заразени лица се во сериозна состојба, а 140 се на апарати за дишење, пренесуваат израелските медиуми.
Израел денеска потврди дека 4.973 лица се новозаразени од коронавирус за само еден ден, што е рекорден број од почетокот на епидемијата.
Министерството за здравство соопшти дека бројот на активни случаи е 40.689, дека имало 47.509 тестови и дека стапката на инфекција е алармантна – 10 проценти.
Повеќе од 500 заразени лица се во сериозна состојба, а 140 се на апарати за дишење, пренесуваат израелските медиуми.
Во Израел од ковид-19 досега починаа 1.141 лице.
Професорот Рони Гамзу, кој раководи со Кабинетот за коронавирус, денеска рече дека верува оти бројот на заразени лица во Израел е многу поголем од официјалниот, но дека тоа не може да се потврди сѐ додека не се зголеми бројот на дневни тестови.
– Ако направевме повеќе тестови, денеска ќе имавме уште 20.000 пациенти – изјави Гамзу.
Во Израел, во петок, во пресрет на еврејската Нова година, започнува тринеделен период на изолација во обид да се запре ширењето на вирусот.