ВНУЦИТЕ НА ГРАДСКИТЕ СОВЕТНИЦИ ЌЕ СЕ СРАМАТ ОД ОДЛУКАТА ЗА ЗООЛОШКАТА ГРАДИНА Немаат емпатија за животните и не разбираат дека тие не се евтина забава

Граѓанската иницијатива Зелен хуман град реагира дека советниците немаат капацитет да носат етички одлуки, ниту во корист на луѓето, ниту во корист на животните, откако Советот на Град Скопје не ја изгласа иницијативата за мораториум за внесување нови животни во Зоолошката градина.

676

Советот на Скопје нема капацитет да носи етички одлуки, ниту во корист на луѓето, ниту во корист на животните, реагира граѓанската иницијатива Зелен хуман град откако градските советници денеска со 4 гласа „за“, 10 „против“ и 8 „воздржани“ не ја изгласа нивната иницијативата за мораториум за внесување нови животни во Зоолошката градина.

„Со неколку исклучоци, советниците од Зелен хуман град, ЛДП и еден од четирите од Левица, Советот на Град Скопје ја отфрли нашата иницијатива за мораториум на внес на нови животни во ЗОО Скопје, односно, гласаше како да заседава пред 100 години, а не на прагот на 2025 година. Во излагањата на советниците кои се противеа, евидентни беа целосното отсуство на емпатија кон животните, комплетната дисоцираност од нивното очигледно страдање и загрижувачка неможност да се разбере дека животните не постојат за да му служат на човекот за евтина забава“, се вели во реакцијата.






Зелен хуман град, се додава, одамна предлага конкретни решенија за Зоолошката градина  кои ќе бидат во корист на сите, вработените и посетителите и децата и животните.

„Еве како во само 4 чекори приказната на ЗОО Скопје може да има позитивен исход: 1) Мораториум за внес на нови животни со што ќе се спречи понатамошно страдање на сите нови животни; 2) Пренесување на сегашните животни во земји каде што имаат драстично подобри услови за живот и земји кои се природна средина за секој тип на животно; 3) Претворање на Зоолошката градина во институција за рехабилтација и вистинска конзервација на животни што живеат на територијата на Македонија, со што ќе се зачуваат, а и зголемат работните места во институцијата; 4) Користење на виртуелна реалност во дел од институцијата, како центар за едукација и зближување на посетителите со секаков вид на животни, без тие да страдаат“, се вели во реакцијата на Зелен хуман град.

Еден ден, се додава, не толку далеку од денес, некои од децата и внуците на денешните советници ќе се срамат од начинот на кој тие гласале.

„А дотогаш, претстојниов викенд е полесно да се однесат децата во затворот за животни, отколку да се отиде со нив во природа и да се учат за животните кои живеат слободно во склад со сопствените потреби“, реагира граѓанската иницијатива.

Поврзани содржини