ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ ЈА ПОСРАМОТИ АРМИЈАТА Опозицијата бара оставки од Петровска и Ковачевски
Ова е срам за НАТО. СДС ја обрука Алијансата и покажа дека нема критериуми при избор, туку се се прави по партиски клуч. Попусти се обидите СДС да се правда, потребни се оставки - пишува ВМРО-ДПМНЕ.
„Од вечерашново соопштение на СДС видовме дека тие единствено жалат што партискиот оглас за вработување во АРМ излезе на виделина. СДС да одговори зошто дезертерот Ковачевски и првиот негов калфа Зечевиќ дале наредба до општинските организации да се ангажираат партиски војници за професионална армија“ – реагираше ВМРО-ДПМНЕ со соопштение откако претходно СДСМ се дистанцираше од објавата на нејзиниот огранок во Арачиново со кој се повикуваат кандидатите за вработување како професионални војници во АРМ да се јават во просториите на партијата во ова населено место.
Претходно портпаролот на партијата Наум Стоилковски одржа вонредната прес-конференција на која го коментирашe случајот.
– Каков дебакл за СДС, партија што ја води дезертер, повикува граѓани да се вработат како професионални војници, преку партиски штабови, со пријава кај партиски функционери. Пред само еден час, на фејсбук страницата на СДС Арачиново е објавено известување до членовите на тој огранок, со повик сите кои што се јавиле на огласот за прием на војници во АРМ да се пријават кај претседателот на огранокот и раководството на истиот, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ. Ова е дебакл и срам за Армијата. Ова е срам за НАТО. Ја повикуваме Славјанка Петровска веднаш да си поднесе оставка. Петровска ја посрамоти и АРМ и НАТО. Но, ова е и работа која не може да помине без знаење на дезертерот Ковачевски и неговиот калфа Миле Зечевиќ. Тие се директно одговорни, бидејќи партиските претседатели одговараат директно пред нив. Дезертерот Ковачевски, калфата Зечевиќ и Славјанка Петровска директно го загрозуваат НАТО, колективната безбедност и кредибилитетот на Алијансата. Ова е срам за Владата, срам за АРМ. Потребни се оставки веднаш“ – рече Стоилковски.
Претходно за случајот реагираше и Министерството за одбрана, кое рече дека конкурсот се спроведува според професионални стандарди и не се можни ниту партиски ниту други влијанија при изборот на кандидатите.