ВМРО-ДПМНЕ најавува преземање на мнозинството во Собранието, коалицијата на Заев тврди дека му е верна на премиерот
Од коалициските партнери на Зоран Заев, со кои разговараше Плусинфо, се децидни дека прегрупирање на силите во парламентот ќе нема. Како потврда на тоа ја посочуваат последната средба на премиерот Заев со лидерите од коалицијата „Можеме“ оддржана неодамна, на која сите изразиле поддршка на политиките на актуелната владина коалиција.
Ќе ја урне ли Владата на Зоран Заев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, преку прегрупирање на силите во Собранието или тоа ќе остане само желба? Дилемата се наметна откако вчера потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, за Канал 5 изјави дека преговараат со пратеници од владеачкото мнозинство, но не откри детали за, како што вели, да не им наштети на пратениците бидејќи веќе трпеле закани од власта.
Од ВМРО-ДПМНЕ засега не кажуваат за колку и за кои пратеници станува збор кои евентуално би го смениле политичкиот дрес и со тоа во Собранието ќе овозможат ново мнозинство, односно бројките да претежнат на страната на колицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
– Не би можеле да кажеме со кои и со колкумина разговараме бидејќи не би било дискретно и оти дел од нив се веќе под сериозен притисок. Затоа во оваа фаза би останале по дискретни – вели висок функционер од ВМРО-ДПМНЕ.
Најавите за ново парламентарномнозинство повторно се засилија по интервјуто на Заев за БГНЕС и реакциите на дел коалициски партнери од власта дека не се согласуваат со позициите на премиерот.
Од коалициските партнери на Зоран Заев, со кои разговарше Плусинфо, се децидни дека прегрупирање на силите во парламентот ќе нема. Како потврда на тоа ја посочуваат последната средба на премиерот Заев со лидерите од коалицијата „Можеме“ оддржана неодамна, на која сите изразиле поддршка на политиките на актуелната владина коалиција.
– Мислам дека се работи најблаго кажано за некоректна изјава од Николовски. Со мене не е разговарано за прегрупирање на мнозинството во Собранието. Колку што имам информации, а секојдневно контактирам со пратениците од мнозинството, не ми е познато дека некој е вклучен во разговори за „смена на дресот“ – вели пратеник од помалите коалициски партнери на Заев.
Според него, изјавата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ е во контекст да ги држи своите во партијата дека, еве, ВМРО-ДПМНЕ само што не ја урнало Владата.
Друг соговорник од помалите партнери на Заев, иако вели дека никогаш не се знае оти во Коалицијата „Можеме“ партиципираат повеќе помали партии, сепак вели дека не верува дека е можен пресврт на силите кој би се случил во Собранието и на тој начин да падне Владата на Заев.
– На последниот состанок на премиерот со коалициските партнери сите претседатели на партиите дадоа поддршка на политиките на Владата предводена од Заев. Никој не искажа револт од досегашните политики и сите се согласија дека соработката е супер и таа продолжува – вели претставник од помалите партии од владеачката коалиција.
Актуелното владеачко мнозинство како никогаш досега не било толку тесно, па оттука реални се и комбинациите и напорите кои ги прави опозицијата, преку Собранието да ја урне владата. Доволно е тројца пратеници од власта да преминат на страната на опозицијата и целосно да се претумба сликата во Собранието. Монзинството сега брои 62 пратеници наспроти опозицијата која вкупно има 58 пратенички мандати.
Николовски вчера изјави дека преговараат со пратеници од помалите партии, односно дека не станува збор за евентуален прелет на пратеници од СДСМ, ДУИ и од Беса.
Доколку опозицијата успее да врбува тројца пратеници од власта, тогаш ВМРО-ДПМНЕ заедно со Алијансата за Албанците, Алтернатива и Левица ќе го преземат мнозинството од 61 пратеник во Собранието. Според ваквото сценарио, доколку се реализира, следниот чекор би бил гласање на доверба на Владата на Заев.
Не е првпат Николовски да најавува ново мнозинство. Впрочем, поради тесната разлика уште од формирањето на новиот парламентарен состав се најавуваат прегрупирања во парламентот и од страна на ВМРО-ДПМНЕ и од страна на СДСМ, но засега ситуацијата е статус кво.