ВМРО-ДПМНЕ ИЗМИСЛУВА СКАНДАЛИ КАДЕ ШТО НЕМА Државни патишта работат законски, тврди СДСМ
Од СДСМ велат дека се очајни обидите на ВМРО-ДПМНЕ преку дезинформации да конструира непостоечки скандали, а тоа нема да го прикрие фактот што оваа партија е дејствува на штета на граѓаните.
ВМРО-ДПМНЕ измислува скандали и афери онаму каде што ги нема, реагира СДСМ на изјавата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски дека јавното претпријатие Државни патишта мести тендери за фирма блиска до СДСМ.
„Откако им пропаднаа сите обиди да ја закочат државата, да ги поделат граѓаните и да ја дестабилизираат земјата, во ВМРО-ДПМНЕ се вратија на она што единствено го знаат и умеат а тоа е создавање конструкции и измислување непостоечки афери.Такви се и последните тврдења за одредени јавни набавки од страна на Јавното претпријатие за Државни патишта“, се наведува во реакцијата.
Од СДСМ тврдат дека јавното претпријатие работи согласно законите, додека проектите финансирани со грантови или со заеми од меѓународните финансиски инститиции се изведуваат согласно нивните правила и процедури.
„Очајни се обидите на ВМРО-ДПМНЕ преку дезинформации да конструира непостоечки скандали, тоа нема да го прикрие фактот што оваа партија е дејствува на штета на граѓаните, ниту пак тоа што нивните градоначалници за девет месеци мандат освен партизација на општините ништо друго немаат реализирано“ се вели во реакцијата.