ЌЕ СЕ ГЛАСА НИЗ ЦЕЛИОТ СВЕТ, ГЛАСОВИТЕ ЌЕ СЕ ВЛЕВААТ НА ЕДНО МЕСТО Измените на Изборниот законик се во собраниска процедура, ВМРО-ДПМНЕ дава поддршка за една изборна единица

Нема поголемо демократско право од тоа дијаспората да учествува во изборен процес за парламентарни и претседателски избори, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.

401

ВМРО-ДПМНЕ нема никаков проблем да поддржи една изборна единица, изјави премиерот Христијан Мицкоски, во врска со предложените измени на Изборниот законик по скратена постапка, кои денеска се на дневен ред на собраниската седница, поднесени од Либерално-демократската партија.

Премиерот го повтори партискиот став дека ќе поддржат предлог за една изборна единица со право да гласа и дијаспората. Како што рече, „нема поголемо демократско право од тоа дијаспората да учествува во изборен процес за парламентарни и претседателски избори“ и потсети дека пратеничка од опозицискиот Европски фронт неодамна ја обвини Владата дека не се грижела за дијаспората со новиот Закон за локална самоуправа и го ускратувала правото.






– Ние сме за тоа да имаме една изборна единица и да може да учествуваат тие во еден таков изборен процес. Да немаме трошоци, да немаме повеќе изборни единици, да имаме една и, практично, сите гласови да се влеваат во една изборна единица, и на резидентното население, но и на дијаспората што ќе сака да учествува. Дури отидовме и чекор понапред и рековме – досега се гласаше во дипломатско-конзуларните претставништва, но има држави кои дозволуваат да се постават гласачки кутии/места и надвор од ДКП, односно екстериторијално и рековме дека и за тоа сме „за“. Така што, ние како ВМРО-ДПМНЕ немаме никаков проблем да поддржиме една изборна единица – рече Мицкоски при денешната посета на Машинскиот факултет на УКИМ.

Предлогот за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка поднесен од претседателката и пратеничка на Либерално-демократска партија Моника Зајкова за воведување на една изборна единица, денеска е на дневен ред на 53. седница на Собранието.

Според образложението, предложените измени за воведување на една изборна единица се со цел да се постигне еднаква вредност на гласот на сите граѓани, без оглед на географската распределба; Да се воведе преференцијално гласање – со цел да им се овозможи на избирачите поголемо влијание врз изборот на поединечни кандидати на изборните листи и да се зголеми одговорноста на избраните претставници. Една од целите е и да се постигне поголема застапеност на помалите политички субјекти – преку правично претставување согласно реалната добиена поддршка на национално ниво. Исто така, да се зајакне довербата во изборниот процес – преку транспарентност, правичност и зголемена отчетност на политичките актери.

Поврзани содржини