Родителите и средношколците се во неизвесност откако министерот за образование Арбер Адеми најави дека се разгледуваат неколку опции за матурскиот испит, а спомена и дека е можно тој да се одложи за јули, додека пак ВМРО-ДПМНЕ предлага учениците да се ослободат од полагање матура годинава поради вонредната состојба со коронавирусот, по примерот на многу поразвиени и поорганизирани држави од нашата.
Утрово побаравме став од Министерството за образование за предлогот да се укине државната матура, но оттаму велат дека конечен одговор ќе имаат во текот на месецов, откако во Државниот испитен центар ќе ги разгледаат предлозите што претходно беа споменати.
Министерот Адеми, претходно најави дека има предлог токму од Државниот испитен центар за одложување на матурскиот испит.
– Во нормални, редовни околности испитот требаше да се организира во јуни, но тие рокови ние може да ги поместиме за јули. Дај боже, час поскоро, да заврши оваа состојба со која се соочуваме сега, но нема простор за загриженост зашто ние можеме да направиме измена и дополнување на календарот на организирање на учебната година за сите јавни средни училишта. Така ќе се дефинира и кристализира датумот за државната матура. Ако не во јуни, ќе биде во јули. Веќе имам таков конкретен предлог од Државниот испитен центар – рече Адеми.
Според поранешната министерка за труд и социјална политика во техничката влада, Рашела Мизрахи, државната матура треба да се укине за да не настанат системски компликации, затоа што сепак децата изостануваат од училиште извесен период.
– Он-лајн учењето не може во целост да се спроведе бидејќи сите деца не се оспособени со ИТ комуникација, особено оние од социјално-ранливата категорија на семејства. Мислам дека оваа година матурата треба да се изостави. Сметам дека тоа треба да се направи со некава уредба. Во овој момент е небулозно да се зборува за он-лајн матура, затоа што сметам дека таа нема да има никаков ефект – вели Мизрахи.
Претходно и Весна Јаневска од ВМРО-ДПМНЕ побара со уредба матурата да се укине годинава.
– Тоа не е измислено, туку го има во многу поорганизирани држави. Матурата може да се укине, факултетите повторно со некава уредба ќе треба да си ги примаат децата. Тие да се запишат на факултети со оценките од сведителството. А за матурата како идеја, можеме да размислуваме за нејзино укинување и во иднина кога сѐ ќе се среди. Организирани земји како Англија и Холандија се откажуваат од матура. Нема да има голема штета државата ако оваа година децата не полагаат матура, ќе имаат голема штета ако тие не го продолжат своето школување – оценува Јаневска.
Лани државна матура полагаа 15.553 матуранти. Тоа е голема бројка и многу е тешко да се организира он-лајн полагање на толку ученици, а тоа да биде објективно и без проблеми, велат предлагачите на иницијативата за укинување на матурскиот испит.
– Не е време за натпревар, суета, партиски или друг вид поделби. Ова е време на војна во која што секој човечки ресурс е потребен на располагање на државата и на сите. Не смее да се дозволи цела генерација да ја повтори годината, само затоа што некој во владата не седнал и не размислил за начин и методологија како да ја заокружи учебната година. Мерките што ќе ги предложиме не се апсолутна новина. Дел од нив веќе се применуваат во современиот свет, а дел се адаптирани на наши услови – изјави Христина Серафимовска од ВМРО-ДПМНЕ, која денеска излезе со нови предлози.
Освен одлука со која полагањето на државна матура во сите средни училишта за оваа учебна година ќе биде укинато, ВМРО-ДПМНЕ предлага полагањето да биде организирано само за оние ученици кои имаат потреба од тоа и да се полага во септември. Потоа, школската година да заврши на 10 јуни. Учениците да се оценат со средна оцена изведена од успехот во претходното полугодие, условено со завршени домашни задачи во периодот на вонредната состојба. Партијата предлага и да се укинат законските ограничувања за просечен успех кои се бараат за упис на повисока година во некои средни стручни училишта.
Од СДСМ засега не излегуваат со став за ова прашање, рекоа дека оставаат стручните луѓе да одговорат на ова прашање и ќе почекаат став од Владата.