ВЛЕН И ДУИ ВО КЛИНЧ ОКОЛУ ПРАВАТА НА АЛБАНЦИТЕ Интегративците обвинија дека се подготвува предавање на Кичево и Струга, а Влен праша што договарал Ахмети за влез во новата влада

Според Влен, ДУИ има обврска да одговори дали сака Албанците да ги претвори во штит, за да ги спасат нивните корумпирани поранешни функционери и членови на нивните семејства?

387

Опозициската ДУИ наместо да работи на сопствено реформирање, се занимава со ширење лажни вести. Но, тоа е нивна внатрешна работа која точно говори за нивниот целосно уништен кредибилитет да говорат за и во име на Албанците, изјави Фари Хисени од Коалиција Влен.

Според Хисени опозициската ДУИ има право да организира собири за храбрење на членството, но, како што рече Влен нема да дозволи ДУИ со лаги и манипулации да се обидува да креира незадоволство кај Албанците, бидејќи форсира приказни за наводно загрозен легитимитет и наводно намалена застапеност на Албанците во институциите.

-Сакаат да ги сокријат трагите за сопствените гревови. Но, ние сме тука за да зборуваме за вистината. Ние како Коалиција Влен го повикуваме Али Ахмети вечерва да го искористи партискиот собир во Гостивар, и, да и одговори на јавноста зошто му нудеше на Христијан Мицкоски да влезат во Влада наместо ВЛЕН со четири министри, без Претседател на Собрание заедно со гаранции дека локалните избори догодина ќе одработат неговите кандидати Македонци да станат градоначалници на Кичево и Струга? – изјави Хисени.

Тој рече и дека ДУИ има обврска да одговори дали сака Албанците да ги претвори во штит, за да ги спасат нивните корумпирани поранешни функционери и членови на нивните семејства?

ДУИ денеска преку соопштение реагираше дека се загрозени правата на Албанците и Охридскиот договор со тоа што Министерството за имплементирање на Охридскиот договор ѝ припаднало на партите на Иван  Стоилковиќ и на Љупчо Димов со што се „ заменило сѐ што е албанско со македонско, и по намалувањето на правичната застапеност за 5% со еден акт без преседан“

ДУИ  обвинува дека ВЛЕН ја подготвува јавноста да ги предадат Кичево и Струга.

„Тука ги преминавте црвените линии и ќе се соочите со отпорот на народот и на секој Албанец. Ова е сериозно кршење на постигнувањата и достоинството на Албанците, и ваквиот чекор нема да помине без силна реакција. Ние ќе останеме обединети и решителни за да ги заштитиме интересот и достоинството на албанскиот народ“, наведе ДУИ во соопштението.
Поврзани содржини