ВЛАДИНИТЕ ОДЛУКИ НÈ ПРИНУДИЈА НА МЕЃУНАРОДНА АРБИТРАЖА Извршниот директор на „Еуромакс ресоурцес“ зборуваше за случајот со Иловица
Меѓународната абритража цело ова време беше резервна опција, но, сè досега, прашањето беше „дали“, наместо „кога“. Сега, тоа се промени и во моментов се движиме повеќе кон „кога“, а не кон „дали“ арбитража. Единственото нешто што може да го промени тој став е следната одлука на институциите. Топката е сега кај нив. Им наложив на нашите адвокати да почнат со подготовки за арбитража, истакна во „Трилинг“ извршниот директор на „Еуромакс ресоурцес“, Тимоти Морган Вин.
Премногу долго чекавме – порача извршниот директор на „Еуромакс ресоурцес“, Тимоти Морган Вин во гостувањето во емисијата „Трилинг“, осврнувајќи се на опцијата за покренување меѓународна арбитража против државата поради спорните одлуки на властите во врска со инвестицијата за рудник за бакар во Иловица. Тој не очекува Владата да го покрене прашањето пред да завршат парламентарните избори.
– Бевме неверојатно трпеливи. Како што реков, не знаеме со каква влада ќе имаме работа, но важно е дека ова е проект што носи трансформациски придобивки и за локалната заедница и за целата земја, и тоа на многу нивоа. Можноста секој да има корист, не само ние, како сопственици и акционери, туку и локалната заедница,
граѓаните, се одложува веќе со години наназад. Има патишта на разрешување – дали преку судовите или преку владата. И убеден сум дека законските основи зад сите наши постапки се апсолутно конкретни. Сепак, прашањето е колку долго да чекаме – вели Морган Вин.
Тој вели дека, според искуството на компанијата, на владините институции им треба многу време за нешто да спроведат и дополнително, носат чудни одлуки, спротивни на законот.
– Видовме чудни одлуки и на судовите, но, сè на сè, судовите си го одработија својот дел во однос на проектот. Но, за жал, неодамна имавме судска одлука со која се потврди таа чудна одлука. Окружувањето во кое се наоѓаме е несигурно и не можеме секогаш да се потпреме на судскиот систем и на тоа дека владините институции ќе се
придржуваат до законот. А само тоа и го бараме – владата да преземе одговорност и да ги почитува законските обврски. Ние очекуваме ова да се реши. Апсолутно – истакна директорот на компанијата „Морган Вин“.
Тој додаде дека нивното трпение е при крај и повеќе немаат време да чекаат дали системите и правните структури ќе го испорачаат тоа што им е обврска.
– Така што, интерно презедовме чекор кон… Секогаш сме имале опција да одиме на меѓународна арбитража, но секогаш сакавме да ги почитуваме системите и институциите во Р. С. Македонија, па продолживме да работиме во тој контекст. Меѓународната абритража цело ова време беше резервна опција, но, сè досега, прашањето беше „дали“, наместо „кога“. Сега, тоа се промени и во моментов се движиме повеќе кон „кога“, а не кон „дали“ арбитража. Единственото нешто што може да го промени тој став е следната одлука на институциите. Топката е сега кај нив. Им наложив на нашите адвокати да почнат со подготовки за арбитража – истакна Морган
Вин.
Според него, опцијата на меѓународна арбитража ја разгледувале како крајна нужда. Тој кажа дека чекале многу долго и биле крајно трпеливи, но последната одлука ги принудила на чекор во крајна нужда, односно да размислуваат за меѓународна арбитража како начин на заштита на инвестициите.
– Потрошивме значителен капитал во земјата, над 50 милиони долари за да стигнеме дотука. Исто така, и придобивките за локалната заедница веќе предолго се одложуваат. Од сите тие причини, сега на преден план ја ставаме арбитражата како опција. Како што рекот, тоа е став поради крајна нужда. Не сме компанија на
арбитражни адвокати. Практично нè обвинуваат дека тоа е нашата главна дејност. Не е. Ние сме група посветена на рударската индустрија, а придобивките што таа може да ги донесе во земјата се огромни – заклучи Морган Вин.