Владика Тимотеј: Kој се плаши од коронавирусот, нека не доаѓа во црква!

Ги советуваме веќе заболените верници да не присуствуваат на службите, бидејќи постои можност да ги заразат другите луѓе, рече Тимотеј за Плусинфо.

2,113

Во пресрет на најголемиот христијански празник Велигден (19 април) и во период кога земјава изрече низа превентивни мерки во борбата против коронавирусот, Македонската православна црква (МПЦ-ОА) им порача на верниците коишто се плашат од заразата да не доаѓаат во црквите.

Ова за Плусинфо го истакна митрополитот дебарско-кичевски и портпарол на Синодот на МПЦ-ОА, г. Тимотеј, кој откри дека утре ќе биде одржана седница на Синодот и дека таму ќе биде донесена одлука за тоа како понатаму да се постапува.

Оној кој верува во Бога, нека пристапи. Ние не се плашиме.

г. Тимотеј Митрополит дебарско-кичевски

– Оној којшто се плаши од коронавирусот, нека не доаѓа на службите во црквите. Оној, пак, кој верува во Бога, нека пристапи. Ние не се плашиме. Сепак, ги советуваме веќе заболените верници да не присуствуваат на службите, бидејќи постои можност да ги заразат другите луѓе. Утре ќе одржиме седница на Синодот и за донесените одлуки ќе ја информираме јавноста преку соопштение – изјави Тимотеј.

Свештеник од Скопје, пак, за Плусинфо вели дека верниците коишто доаѓаат во црква треба да бидат трезвеноумни и да знаат во кој случај ги штити Бог, а во кој случај треба самите да покажат грижа за себеси и за своите ближни.

– Кога е човек болен од заразна болест, нека е и обичен грип, треба да биде внимателен кон другите луѓе и наместо да ризикува и нив да ги зарази со своето доаѓање во црква, да одболува дома, па потоа да дојде на служба. Доколку болеста е сериозна, или се оддолжи, свештеникот ќе дојде да го посети и причести дома или во болница. Неколку пати имавме случај некој што има грип да дојде на служба и да зарази други верници, затоа што не внимава кога кива или кога кашла. Значи, потребно е да бидеме трезвеноумни и да знаеме во кој случај нè штити Бог, а во кои случаи треба самите да покажеме грижа за себеси и за ближните околу нас. Затоа, следете ги лекарските препораки, за зголемена хигиена и миење раце, избегнувајте контакти со многу луѓе и слично. При сето тоа, во црква доаѓајте и причестувајте се – истакна нашиот соговорник.

Во меѓувреме, мерки за заштита од коронавирусот презедоа неколку епархии од повеќе православни цркви од регионот. Како што неофицијално дознаваме, Српската православна црква (СПЦ) наводно одлучила на служба во црквите во италијанскиот град Трст да одат само свештенци, без верниците. Слични мерки се изречени и во неколку епархии на Грчката православна црква (ГПЦ), додека, пак, софиската епархија на Бугарската православна црква (БПЦ) издаде соопштение преку кое се вели дека и покрај епидемијата, црквите ќе останат отворени за верниот народ, а дека болните луѓе ќе можат да се причестат со тоа што свештениците ќе ги посетат во нивните домови.

Поврзани содржини