ВЛАДАТА НЕ ОТВОРА НОВА КАСА ЗА СУДСТВОТО Премиерот Мицкоски бара прво резултати, па потоа средства

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека судството ги добило барањата за вработувања и самостојност, но дека дополнителни средства ќе има само доколку граѓаните видат подобра испорака на правда.

0

Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека правосудниот систем нема да добие дополнителни финансиски средства сè додека, како што рече, не покаже резултати и не почне да испорачува правда за граѓаните.

Коментарот на Мицкоски следуваше по објавувањето на последниот извештај на Европската комисија за состојбите во правосудството, во кој се нотираат и позитивни оценки, но и забелешки за функционирањето на системот.






– Пари повеќе нема да добијат. Пари нема да добијат, иако се бара и во Законот за јавно обвинителство да се стави сума од 0,5 проценти од буџетот. Нема да добијат затоа што не ги заслужиле, затоа што очекуваме дека правдата ќе ја донесат – изјави Мицкоски.

Тој посочи дека Владата ги исполнила барањата на судството во делот на вработувања, самостојност и други услови, но дека понатамошното финансирање, според него, мора да биде поврзано со конкретни резултати.

– Независноста со пари не се обезбедува, туку се обезбедува со работа. Со работа, а не со допишување на работни саати, дежурства и проценти – рече премиерот.

Мицкоски објасни дека извештајот на Европската комисија е редовен документ кој последните години се однесува и на дел од земјите кандидати за членство во Европската Унија.

Според него, анализирани се состојбите во периодот од 2023 до 2025 година, а меѓу кандидатите опфатени се Македонија, Црна Гора, Албанија и Србија.

– Во него има пофалби, констатирани политики кои испорачуваат, но има и критики – рече Мицкоски.

Како клучни забелешки од извештајот, тој ги посочи констатациите за политички притисок врз судството, потребата од повеќе финансиски средства за обвинителите и судиите, но и критиките за нивната работа.

– Од една страна велат судскиот систем не испорачува, а од друга страна Владата да даде повеќе пари. Тие две работи едно со друго не одат. Или ќе почнат да испорачуваат, па да добијат, или нема да добијат – нагласи премиерот.

Тој додаде дека ќе продолжи јавно да ги повикува судиите и обвинителите да покажат поголема ефикасност.

– Јас ќе продолжам во таа насока да испраќам пораки. Со сета политичка одговорност и ризик што ги имам, ќе продолжам сè додека не видиме напредок во испораката на правдата – изјави Мицкоски.

Поврзани содржини