Владата молчи за вработувањето 800 административци по етнички клуч

Од Министерството за информатичко општество и администрација кое дава мислење за новите вработувања и од Владата на прашањата на Плусинфо иако ветија сѐ уште ниту ја демантираа, ниту, пак, ја потврдија информацијата.

2,154

Во Агенцијата за администрација досега нема пристигнато барање за објавување јавен оглас за вработување на 800 административци, изјавија за Плусинфо од Агенцијата, откако во медиумите се објави информација дека следната недела ќе биде објавен огас за вработување на 800 административци при што вкупно 640 лица треба да бидат Албанци, а останатите 160 лица од другите етнички заедници. Министерството за информатичко општество и администрација и Владата сѐ уште молчат за оваа информација која предизвика лавина рекации по социјалните мрежи.

Од Агенцијата за администрација појаснуваат дека согласно своите законски надлежности таа објавува јавен оглас врз основа на претходно доставено барање за објавување на јавен оглас од страна на институцијата која што има потреба од вработување на административни службеници.






– Досега во Агенцијата за администрација нема пристигнато такво барање за објавување јавен оглас за кое што барате информација – велат од Агенцијата.

Агенцијата за администрација нема информација и дали до крајот на годината ќе има нови вработувања.

– Агенцијата за администрација го нема тој податок од причина што секоја институција сама ги планира своите вработувања преку Годишен план за вработување, за кој позитивно мислење дава МИОА – велат од Агенцијата.

Министерството за информатичко општество и администрација кое дава мислење за новите вработувања и Владата на прашањата на Плусинфо иако ветија сѐ уште ниту ја демантираа, ниту, пак, ја потврдија информацијата.

Од  Министерството за политички систем, пак, тврдат дека станува збор за лажна информација и затоа ,велат, немаат што да коментираат околку наводниот оглас.

Информацијата за вработување 800 нови административци по етнички клуч ја објави весникот „Лајм“ кој тврди дека ја добил од извори во ДУИ. Изворот за весникот тврди дека огласот за овие вработувања ќе биде објавен слдната недела.

– Сега е полесно. Првиот вицепремиер е од редовите на ДУИ, Артан Груби, министерот за финансии е наш, Фатмир Бесими. Ќе има повеќе вакви конкурси за да се постигне соодветна застапеност предупредуваат од ДУИ, носејќи ги овие долгоочекувани информации од јавноста, особено од младите штотуку дипломирани – вели изворот за „Лајм“.

Весникот тврди и дека се подготвуваат и измени во Законот за државни службеници со кои ќе се оневозможи на местата предвидени за Албанци и припадници на други етнички групи да се вработуваат Македонци кои дале лажна изјава за национална припадност.

 

Поврзани содржини