ВЛАДАТА КОНТРА ЛОЗАРИТЕ Откупната цена на грозјето е за 30 отсто повисока од претходните години
Сортата „смедеревка“ ќе се откупува по 13 денари за килограм, а „вранецот“ ќе биде 15 денари за килограм што е три денари повеќе во споредба со лани.
Откупната цена на грозјето годинава бележи најголем пораст од 30 отсто, соопшти Владата.
Според владата, сортата „смедеревка“ ќе се откупува по 13 денари за килограм, а „вранецот“ ќе биде 15 денари за килограм што е три денари повеќе во споредба со лани.
Од владата потсетуваат дека покрај повисоките откупни цени кои се договориени меѓу Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со винариите и лозарите, лозарите добиваат и повисоки субвенции.
„Преку мерката за одржување на постоечки површини со лозови насади лозарите добиваат субвенција од 40.000 денари по хектар, односно 48.000 денари по хектар за земјоделски стопанства со пријавена површина за финансиска поддршка од минимум 1 хектари до максимум 10 хектари.За одржливо производство и помали трошоци, лозарите добиваат поддршка и во субвенционирање за зелена нафта која достигна и до 100 отсто, а во услови на криза поддршка е обезбедена и преку интервентните мерки“ – се вели во соопштението.
Оттаму додаваат дека изминатите години и винариите добиле поддршка од 67,6 милиони денари преку мерки со кои се помогна транспортот при извозот на вино.
„Овие мерки даваат позитивни резултати во развојот на лозарството и винарството. Домашното просечно производство на грозје е стабилизирано на околу 270 илјади тони на годишно ниво. Додека просечното годишно производство на вино е околу 100 милиони литри“ се вели во соопштението.
Владата потсетува и дека трета година по ред извозот на вино бележи пораст, и во количина и во вредност.
„Паралелно се зголемува и бројот на винарски визби, кој заклучно со август 2022 година е 139, со вкупен капацитет од околу 200 милиони литри. Со тоа, вкупниот капацитет за преработка на грозје во вино е речиси два пати поголем од годишното производство на вино. Се овозможи финансиска поддршка до 10 000 евра за малите семејни винарии за набавка на опрема за производство, мерка која предизвика голем интерес. Поддршката на оваа земјоделска гранка продолжува и во следниот период, како стратешки сектор чиј извоз позитивно влијае во јакнење на домашната економија“ се вели во соопштението на Владата.
Лозари деновиве протестираат во Неготино, со барање повисоки цени за грозјето и подобри услови за лозаропроизводство.