ВЛАДАТА ГО УСВОИ ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА ОД ПУШЕЊЕТО Се очекува во најкраток рок да биде изгласан во Собранието

Ова е важен чекор за јавното здравје и за создавање поздрав, побезбеден и поодговорен јавен простор, соопшти Министерството за здравство.

0

Владата денеска го усвои Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун или сродни производи, соопшти Министерството за здравство.

„Ова е важен чекор за јавното здравје и за создавање поздрав, побезбеден и поодговорен јавен простор. Законот е резултат на широк институционален процес, разговори со засегнатите страни, консултации со тутунската индустрија, угостителскиот сектор, надлежните институции, инспекциските органи, експертската јавност и поддршка од Светската здравствена организација“, објави Министерството за здравство на Фејсбук.






Премиерот Христијан Мицкоски на завршниот состанок со претставниците од тутунската индустрија и угостителскиот сектор пред неколку дена, изјави дека очекува по усвојувањето од Владата, предлог-законот во најбрз можен рок да помине и во Собранието. Како што најави, законот ќе стапи во сила веднаш, освен одредбата согласно која угостителите треба да ги преадаптираат и пренаменат терасите на своите локали, за што им е даден рок од една година.

Мицкоски нагласи дека предложениот текст е компромисно решение, изготвено низ инклузивен процес, со консултации на сите засегнати страни – здруженијата, производителите, дистрибутерите, хотелиерите, луѓето кои имаат свои ресторани, ноќни клубови…

И претставниците на бизнис-секторот потврдија дека законот се креираше со партнерски пристап и искажаа благодарност за разбирањето од страна на Владата, која им даде 12 месеци за соодветно да ги преуредат терасите, на кои пушењето ќе биде дозволено ако се отворени од најмалку две страни.

Премиерот Мицкоски и министерот за здравство Азир Алиу порачаа дека очекуваат доследна примена на законот и нагласија дека ќе има строги контроли и ќе нема да има повластени.

Поврзани содржини