ВЕРУВА ВО ДУХОТ НА МААЛСКИОТ ЖИВОТ И ВО ЕДНОСТАВНОТО РЕШАВАЊЕ НА ПРОБЛЕМИТЕ Кој е Мирослав Лабудовиќ, кандидат на ЗНАМ за Центар?
По професија е електроинженер, што го научило да биде практичен и прецизен, но верува дека она што е најважно кога станува збор за работата е истрајноста, посветеноста и искрената намера сè што се работи да се направи како што треба и до крај. Не знае да живее во комфорна зона и постојано бара нови предизвици.
Мирослав Лабудовиќ е кандидат за градоначалник на Општина Центар од партијата ЗНАМ – За наша Македонија. Роден во Дебар Маало, растен во Центар, со Миро, како што нагалено го викаат пријателите и блиските, поразговаравме за работите кои му се порив во животот, што е она што го прави среќен, за неговото хоби, за кого навива во фудбал.
Кој е Мирослав Лабудовиќ? Како би се опишале себеси во неколку реченици?
– Јас сум сопруг, татко, центарец, електроинжeнер и вљубеник во едноставните задоволства. Мојот свет пред сè, се врти околу двете прекрасни близначиња и мојата сопруга, кои се мојата најголема радост и сила. Моите деца – нивната љубопитност и искреност секојдневно ме учат дека малите и едноставни нешта го прават животот убав. Уживам првото утринско кафе да го испијам дома со сопругата. Тоа се нашите моменти за разговори, планови, шегување што ми дава енергија да го почнам денот.
Роден сум и пораснав во Центар, и верувам дека токму тој дух на маалски живот ме направи човек каков што сум денес – отворен, директен и верен на вистинските вредности. Растев учејќи дека богатството не е во материјалното, туку во тоа да бидеш чесен, посветен, верен на семејството и пријателите и токму тие принципи ме водат низ животот.
По професија сум електроинженер, што ме научи да бидам практичен и прецизен, но верувам дека она што е најважно кога станува збор за работата е истрајноста, посветеноста и искрената намера сè што се работи да се направи како што треба и до крај. Не знам да живеам во комфорна зона, и можеби затоа постојано барам нови предизвици.
Спомнавте дека сте „центарско дете“ и дека практично целиот живот го имате поминато во таа општина. Што Ве мотивираше да се кандидирате за градоначалник?
– Во Центар е моето срце, во Центар е мојот дом. Роден сум во Дебар Маало, а растев и се образував во Центар. Тука учев како изгледа вистински маалски живот, тука стекнав пријателства што траат цел живот. Центар за мене никогаш не бил само место, тој е дел од мојот идентитет.
Разочаран сум од тоа како денес изгледа нашата општина. Имам чувство како хаосот да ја изеде душата на Центар. И токму тоа чувство ме натера да направам нешто конкретно бидејќи не можам да останам на страна – рамнодушен и нем. Мојата цел е едноставна: Центар да му се врати на граѓанинот. Сакам нашите деца да растат во Центар каков што јас го паметам – зелен, чист, со топлина и заедништво. Јас искрено верувам дека можам да ги променам работите на подобро, инаку воопшто не би ни влегувал во оваа приказна.
Во неколку наврати го спомнавте маалскиот живот. Кое Ви е омилено катче во Центар?
– Тоа дефинитивно е Лондон маало. Таму пораснав, таму ги стекнав првите другари, таму живеам денес, таму растат моите деца. Секојдневието тука има свој ритам – разговори пред зграда, спорт со другарите, поздрави од соседите.
Јас силно верувам во маалскиот живот бидејќи мислам дека има огромно значење врз квалитетот на живот и на децата, но и на возрасните. Помага да се стекнат многу корисни навики на заедништво, поддршка, несебичност. Затоа особено сум среќен што ние успеавме да го задржиме тој дух заедно со моите соседи, а сега на тој начин ги воспитуваме и нашите деца.
Секако, приврзан сум и за Дебар Маало, каде што се родени мојот татко, мојата баба и нејзините баби и дедовци. Моите корени се нераскинливо поврзани со ова маало кое е заштитен знак и симбол на Скопје. Уживам и во Градскиот парк, особено на опуштени прошетки со семејството и пријателите – катче каде може да се здивне од скопскиот метеж.
Имате ли хоби? Каква музика сакате да слушате? Дали имате навика да читате?
– Јас сум човек кој едноставно не може без спорт и слободно можам да кажам дека тоа ми е омилено хоби. Скијањето ми е голема страст, а оваа година доживеав посебна радост бидејќи и децата првпат скијаа „барабар“ со мене. Мило ми е што покажуваат љубов кон планината и кон зимските спортови и што сега имам вистински ски партнери.
Последниве години играм и падел, и морам да признам, тоа е спорт кој навистина ме освои со динамиката и енергичноста. Колку повеќе играте, толку повеќе влегува во крв.
Слушам различна музика, во зависност од расположението. Најчесто тоа е поп-рок, но уживам и во добрата македонска староградска песна. Знам да пуштам и класична музика, особено кога ми треба фокус додека работам.
Сакам да читам, колку што ми дозволува времето. Последната книга што ја прочитав и топло ја препорачувам е „Чиракот на архитектот“ од Елиф Шафак. Прекрасна историска приказна за учењето, истрајноста и љубовта кон создавањето.
Дали следите спорт? Имате ли омилен фудбалски клуб?
– Фудбалот ми е прва љубов. Кога игра македонската репрезентација, без разлика дали е фудбал, ракомет или кошарка, јас сум прв пред телевизор или на трибина затоа што тоа се моменти кога сите сме едно. Во европскиот фудбал отсекогаш сум навивал за Барселона, клуб кој верува во игра со срце. Но, не сум само пасивен гледач, туку активно спортувам. Покрај скијањето и паделот, кои веќе ги спомнав, сакам да трчам и да возам велосипед. За мене спортот е начин да останам енергичен, здрав и фокусиран.
Како се снаоѓате во кујна? Дали дома имате поделба на „машки“ и „женски“ обврски?
– Имам посебна љубов кон готвењето така што кујната ми е омилен дел од домот. За време на викендите, сите заедно готвиме, вклучени се и децата. Кај нас дома се готви сè – од супи и манџи, до тави и гравче. Прво експериментираме со разни рецепти, па после заедно уживаме во храната. Особено сум горд на моето гравче со димено месо, кое всушност е рецепт што го наследив од дедо ми.
Дома функционираме тимски. Нема „машки“ и „женски“ обврски. Се прилагодуваме во согласност со обврските и динамиката што ја носи денот. Колку што може ги вклучуваме и близнаците кои сега имаат десет ипол години бидејќи сметаме дека е важно да стекнат навики за одговорност и меѓусебна поддршка.
За крај, дали имате животно мото кое секојдневно Ве мотивира и инспирира?
– Едноставност! Тоа е мојата животна филозофија. Мислам дека многу често непотребно ги комплицираме работите, а во суштина сите предизвици може да се надминат на едноставен начин, ако им се пристапи со искрена намера и чиста мисла. Всушност, тоа е најважно – искреноста, човечноста, отвореност. Сè друго е менливо и минливо, но човек останува запаметен по тоа каква трага оставил кај другите луѓе. Тоа е моето мото и мојата најголема амбиција – да бидам човек кој оставил искрена, чиста и човечка трага во Центар.