ВЕЛИКОДУШЕН ПОДАРОК ОД МАСК ЗА СЕКОЕ АМЕРИКАНСКО ДЕТЕ Зад потегот се крие бизнис ривалство?
Околу 73 милиони деца би станале акционери во „Спејс Икс“, според ветувањето на најбогатиот човек во светот. Зад необичната најава стои и натпреварот меѓу технолошките милијардери за тоа како богатството создадено од новите технологии да се подели со јавноста.
Американскиот милијардер Илон Маск најави дека следната година ќе му подари по една акција од својата компанија „Спејс Икс“ на секое дете во САД. Доколку го исполни ветувањето, станува збор за подарок чија вкупна вредност, според сегашната цена на акциите, би надминала 10 милијарди долари.
Маск ја објави намерата денеска на својата социјална мрежа „Икс“, наведувајќи дека акциите ќе ги подели во 2027 година.
„Следната година ќе му подарам по една од моите акции во ‘Спејс Икс’ на секое дете во Америка. Ова ќе биде прво од многуте вакви подарувања“, напиша милијардерот.
Според податоците на американското Биро за попис, во САД живеат приближно 73 милиони деца помлади од 18 години. Акциите на „Спејс Икс“ во петокот се тргуваа по 146,03 долари, што значи дека исполнувањето на ветувањето би го чинело Маск околу 10,6 милијарди долари.
Сепак, засега не е познато како ќе се спроведе оваа огромна распределба на акции. Маск не прецизираше дали право на подарокот ќе имаат сите малолетници што живеат во САД или само американските државјани, ниту како акциите ќе бидат префрлени на нивно име.
Не е соопштен ниту точниот датум на распределбата, а вредноста на подарокот може да се промени во зависност од берзанската цена на акциите во моментот на нивното префрлање.
Технолошко ривалство зад милијардите
Интересно е што необичната најава на Маск следува само еден ден откако американската компанија за вештачка интелигенција „Антропик“ (Anthropic) соопшти дека ќе издвои 5% од своите акции за нов фонд наменет за општествено корисни цели.
Фондот треба да финансира програми што ќе им помогнат на луѓето и заедниците да се приспособат на економските и општествените промени предизвикани од развојот на вештачката интелигенција.
Маск реагираше на објавата на конкурентската компанија, предлагајќи поинаков пристап кон распределбата на богатството.
„Препорачувам акциите директно да ѝ се поделат на јавноста“, напиша тој, најавувајќи дека самиот ќе го направи токму тоа.
Со ова, натпреварот меѓу технолошките компании добива и нова димензија – не само кој ќе развие помоќна вештачка интелигенција, туку и како придобивките од неа ќе стигнат до обичните граѓани.
„Антропик“ е еден од најголемите конкуренти на компаниите што развиваат напредни модели на вештачка интелигенција, а Маск преку своите деловни активности исто така е вклучен во оваа индустрија, пишува АП Њуз.
И други милијардери им отвораат сметки на децата
Ветувањето на Маск се надоврзува на поширока американска иницијатива за создавање инвестициски заштеди за децата, позната како „Трамп-сметки“ (Trump Accounts).
Станува збор за инвестициски сметки што родителите можат да ги отворат на име на своите малолетни деца, со можност во нив да уплаќаат средства и други членови на семејството, компании и добротворни организации.
Американската држава предвидува почетен влог од 1.000 долари за децата родени во определен период, од 1 јануари 2025 до 31 декември 2028 година, доколку ги исполнуваат законските услови.
Во јули, претседателката и оперативна директорка на „Спејс Икс“, Гвин Шотвел, и нејзиниот сопруг најавија донација на акции од компанијата за повеќе од два милиона деца преку оваа програма. Вредноста на нивната иницијатива тогаш беше проценета на околу 325 милиони долари.
Маск сè уште не кажал дали и неговите акции ќе се распределуваат преку истите инвестициски сметки, пишува Yahoo Finance.
„Спејс Икс“, компанијата позната по ракетите, вселенските летови и сателитската интернет-мрежа „Старлинк“, излезе на берзата во јуни годинава.
Според податоците од регулаторните документи, Маск директно поседува околу 4,77 милијарди акции, додека неговото вкупно сопственичко учество, вклучувајќи ги и правата врз дополнителни акции, достигнува 48,4%.
Тоа значи дека ветените приближно 73 милиони акции претставуваат релативно мал дел од неговиот огромен пакет, иако нивната пазарна вредност се мери во милијарди долари.