Варварите повторно јаваат

„Бехтел и Енка“ ни се најмалку виновни за нашата алчност и коруптивност, за нашето поданичко однесување кон „стратешките партнери“, за нашиот варварски однос кон сопственото културно наследство, историјата, традицијата… Како што ни УНЕСКО не ни е виновно што мора од нас да бара придржување кон правилата на игра за културното и природното наследство впишани на листата на светското културно и природно наследство.

2,163

Има нешто многу неуко, аматерско, дилетантско во оваа македонска власт. Како таму да е собрана сета негативна енергија, како да владеат некакви темни сили обединети во чудни деструктивни пориви, во неразбирливо нерационални одлуки и цели. Зашто, зарем рационален, добронамерен, конструктивен ум би можел да предложи такво варварски слепо уништување на потенцијално културно наследство?

Но, кога и во Европската комисија би имало еден, само еден умен човек, тие со Македонија до догледно време би ги прекинале сите контакти. И кога истата ЕК навистина би можела да се пофали со еден културен човек, тие на Македонија би ѝ ги замрзнале сите започнати и незапочнати пристапни преговори со ЕУ. Не (само) заради бескрупулозните криминал и корупција во највисоките врвови на власта, не само заради новиот бран на „сваровски“ судството и сите други манифестации на неконтролибилен гангстерај на сите рамништа, туку особено заради две нешта од областа на (не)културата: Коридорите 8 и 10 и Охрид!






Следствено, ако Европската комисија, но и оној нејзин „амбасадор“ во Скопје, не реагираат најостро и со закана за прекинување на сите контакти околу нашето (божемно) евроинтегрирање, тогаш и таа, сосе нејзиниот претставник, се на еднакво нецивилизирано ниво како и македонскиве провинцијалци! И во таков случај, нормален човек би се запрашал: а што тогаш ние бараме во такво друштво? Во друштво на покојна демократија, на лаги, уцени и измами, меѓу насилници кои немаат почит ни за културата ниту пак за културното наследство на една земја, кои затвораат очи пред високопрофитното уништување на културното насилство?

Зашто, вака како што се однесува сега, Европската комисија и целата Европска унија не само што се насочени кон тормозење на една потенцијална идна членка да прифати самоубиствени услови од друга членка во името на некакви ступидни „добрососедски односи“, туку не сметаат за потребно ни да бидат можен коректив во однос на некои нејзини очигледно налудничави постапки. Тој што ќе рече дека ЕУ не е и не може да биде бебиситерка на Македонија, само делумно ќе биде во право. Инаку, зошто тогаш диктира услови во судството, во администрацијата, во добрососедството…, но не и во културата односно во заштитата на културното наследство како особено важен дел во европските политики? Или зошто високи европски претставници, па и државници, би се „кршеле“ по скопскиве сокаци само за да ни укажат дека мораме да го смениме Уставот за во него да се проврат два-три Бугари, но не сметаат за потребно да го повишат гласот, или да ги скратат ветените фондови, кога власта во Нашата земја се однесува како потенцијалните локалитети под Коридорите 8 и 10, но и цел Охрид и регионот, се личен имот на актуелниве праматарски „елити“?

Ако во Лисабонскиот договор (потпишан во 2007 а ефектуиран во 2009 година) токму земјите на Европската унија се фалат (во чл. 3) дека тие „shall respect the richness of its cultural and linguistic diversity and shall ensure the safeguarding and development of the European cultural heritage”, тогаш Македонија спаѓа во тоа европско културно наследство, или не? А во тој контекст и неистраженото културно наследство што лежи под трасата на Коридорот 8? Или тоа може да се уништува заради апетитите на некаква меѓународна групација и нивните локални пиштолџии само заради фактот што Нашата земја формално не е членка на Унијата?

Без намера да омаловажувам, но Македонија, како и целиот Балкан и Медитеранот, се лулката (и) на европската цивилизација. А „корените“ се наоѓаат во – почвата, сѐ уште недоистражена. Каде и да копнете на ова парче земја, се појавуваат извонредни сведоштва за минатото не само на Македонија туку и на Европа. Што пак не е случај со голем број други европски држави, членки на Унијата. Или, повторно, одредбите од Лисабонскиот договор, како и бројни други документи, препораки, резолуции… на телата на Европската унија важат само до актуелните граници на Унијата? И ништо понатаму не ги интересира? А ако е така, зарем не е краен миг и ние да помислиме за што сме ѝ потребни на Унијата?

Од друга страна, еден професор вели: „Не сакам ни да помислам дека некој (…) би се осмелил да сквернави археолошко или природно богатство кое потенцијално би се нашло на некоја од трасите.“ Ама еве – јас сакам тоа да го помислам. И впрочем, очигледно е дека некој веќе помислил на тоа, штом на дневен ред на Собранието се нашле оние измени на законите, нели!? И тој некој не е само „Бехтел и Енка“ коишто, во крајна линија, и не мора многу да знаат историја, археологија и слично. Нив ги интересира профитот и начинот како побргу да дојдат до него.

Дали тоа ќе рече дека некој наш – поточно „наш“! – се сетил дека Законот за заштита на културното наследство може да биде пречка за брзиот профит? Се разбира, и тоа никој друг „наш“ туку фамознава „наша“ малоумна Влада којашто побрзала да го реши и овој „проблем“ во интерес на нивните газди. Меѓутоа, не случајно на почетокот го спомнав (и) Охрид. Следствено, кој „од надвор“ дојде да го уништува Охрид, кој се „осмели да сквернави археолошко или природно богатство“? Некој странец, или – самите ние?  Онакво нечовечко уништување на природното и културното наследство на охридскиот регион, поткрепено со државни лаги и манипулации од највисок маштаб кон меѓународната заедница, не се видени досега во Европа. Вакво пак разбојничко силување на Законот за заштита на културното наследство во врска со спомнатиот коридор, а заради остварувањето на енормните профити на некаква меѓународна групација и нејзините јатаци во врвот на македонската власт е еднакво страшен зафат недостоен за една цивилизирана држава во дваесет и првиот век.

Оттука, повторно, „Бехтел и Енка“ ни се најмалку виновни за нашата алчност и коруптивност, за нашето поданичко однесување кон „стратешките партнери“, за нашиот варварски однос кон сопственото културно наследство, историјата, традицијата… Како што ни УНЕСКО не ни е виновно што мора од нас да бара придржување кон правилата на игра за културното и природното наследство впишани на листата на светското културно и природно наследство. Нашиве слепци, но и Охрид и охриѓани очигледно не се ни свесни што сѐ (посредно или непосредно) добиваат со тоа!

И понатаму, ние можеме тука да разглабаме надолго и нашироко што е тоа јавен интерес, и дали воопшто постои нешто онакво наречено „поголем јавен интерес“? Но, со кого да расправаш, со оние полуписмени од Владата, со оние еднакво полуписмени во Собранието или неговото раководство? И зарем навистина некој мисли дека патната инфраструктура е „поголем“ интерес од минатото, историјата на државата? А што ако утре се појави нов будала со ново степенување, па за некакви уште поскандалозни „потреби“, прогласи и постоење на – најголем јавен интерес? До каде ли може да оди македонската глупост, безрбетништво, слугувањето на нечии интереси, самоуништувањето на сопственото минато?

П.С Фактот што власта во последен миг го повлече варварскиот предлог за изменување на Законот за заштита на културното наследство, не менува ама баш ништо во нивните (идни) злосторнички намери!

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини