ВАРОВНИКОТ ВО СТРАЧИНЦИ ПОД НАДЗОР Концесијата раскината поради долгогодишни пропусти

Несовесното користење на природните ресурси нема да се толерира, порача министерот Изет Меџити.

208

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, попладнево на прес-конференција соопшти дека Владата еднострано го раскинала договорот за концесија за експлоатација на варовникот на локалитетот Лавинчеви, во атарот на селото Страчинци, Општина Гази Баба, склучен со компанијата „Мелкам Инжинеринг“ од Скопје.

Одлуката, како што објасни Меџити, е донесена поради сериозни пропусти на концесионерот во исполнувањето на договорените обврски.






– Концесионерот не обезбедил минимална експлоатација од 20 отсто, односно 25.000 тони годишно. Во 2022 година биле ископани само 277 тони, во 2023 година нема активност, а во 2024 година само 187 тони. Активностите биле често прекинувани и не се почитувани законските обврски. Исто така, концесионерот не платил концесиски надоместок за ископаните количества во последните три години – рече Меџити.

Вонредниот инспекциски надзор на Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини потврдил дека концесионерот не го исполнил договорот и дека имало долгогодишен прекин на активностите.

– Со оваа одлука престанува да важи доделувањето на концесијата, а сите надлежни институции се известени за понатамошни мерки. Ова е јасна порака дека Владата и Министерството за животна средина нема да толерираат несовесно користење на природните ресурси. Ќе продолжиме да обезбедуваме одговорно и одржливо управување со нив, во интерес на граѓаните и јавниот интерес. Здравјето и безбедноста на граѓаните се и ќе бидат на прво место – додаде Меџити.

Поврзани содржини