Вакцинацијата на децата доживеа фијаско, како ќе се крши отпорот кон вакцината?

Не верувам дека проблемот ќе се реши ако се вакцинира само 2 отсто од младата популација, особено ако се земе предвид дека родителите на тие деца се вакцинирани. Не би било логично некој родител што има одбивност кон вакцините да го натера своето дете да се вакцинира, вели д-р Арбен Зибери.

637

Слаб е интересот кај децата за вакцинација против ковид-19. Само 2 отсто од децата од 12 до 17 години се пријавени за имунизација, а досега првата доза ја примиле нешто повеќе од 500 малолетници.

Според здравствените работници со коишто разговаравме, ваквото фијаско било повеќе од очекувано, со оглед на тоа што во земјава има голем број луѓе кои свесно се противат или, пак, се плашат од вакцините. Овие 1.800 деца коишто се пријавени за вакцинирање, објаснуваат лекарите, се деца на родители кои веќе се вакцинирале и кои се добро информирани за бенефитите од вакцината.






Оние родители кои силно се противат на вакцините сигурно нема да им дозволат на своите деца да се вакцинираат, а тоа значи дека повторно нема да бидат заштитени фамилиите каде што ниту еден член не е вакциниран, посочуваат лекарите. Тоа што сега треба државата да го направи, додаваат тие, е преку медиумите да започне да ги промовира бенефитите од имунизацијата, па на тој начин да им се помогне барем на луѓето кои сè уште се двоумат дали да се вакцинираат.

Поранешниот директор на Центарот за јавно здравје, Арбен Зибери, за Плусинфо признава дека бројката од 1.800 пријавени деца за вакцинирање е смешна.

Не би било логично некој родител што има одбивност кон вакцините да го натера своето дете да се вакцинира.

Д-р Арбен Зибери Поранешен директор на Центарот за јавно здравје

– Факт е дека постои незаинтересираност кај луѓето во земјава да се вакцинираат против ковид-19, а на социјалните мрежи веќе подолго време активно се шират негативни кампањи со помош на кои се фрла дополнителен сомнеж дека вакцините не делуваат со оглед на тоа што се направени во рекордно брзо време. Антиваксери имало и ќе има, но обврска на државата и на Министерството за здравство е да ги едуцира граѓаните и да им ги посочи бенефитите од вакцината. Во однос на вакцинирањето на децата и со оглед на вкупната бројка на деца од 12 до 17 години во Македонија, слободно можам да кажам дека е смешна бројката од 1.800 пријавени и 500 вакцинирани деца. Голем дел од луѓето се убедени дека децата се имуни на вирусот, па затоа не ги вакцинираат. Па така, не верувам дека проблемот ќе се реши ако се вакцинира само 2 отсто од младата популација, особено ако се земе предвид дека родителите на тие деца се вакцинирани. Не би било логично некој родител што има одбивност кон вакцините да го натера своето дете да се вакцинира – објаснува д-р Зибери.

Тој вели дека здравствените власти во земјава треба да ги следат потезите на властите во земјите-членки на ЕУ.

– Мора нешто да се направи за да се надмине стравот од вакцинирање, бидејќи само вакцината е спасот од пандемијата. И Хрватска, на пример, која е земја-членка на ЕУ се соочува со сличен проблем, односно со поголема група на луѓе кои се жестоки противници на вакцината. Од друга страна, поголемите западни земји веќе почнаа да воведуваат забрани за движење на луѓето кои не поседуваат вакцинален сертификат, а оваа мерка најверојатно ќе биде воведена и тука. Исто така, Министерството за образование наскоро треба да одлучи како ќе се одвива наставата од септември, односно дали физичко присуство ќе биде дозволено само за вакцинираните ученици или можеби вакцинирањето ќе биде задолжително за сите деца. Сите овие работи треба добро да се размислат пред да се воведат, но време е луѓето да сфатат дека вакцината им нуди заштита од вирусот – вели д-р Зибери.

Микробиологот д-р Никола Пановски, пак, неодамна посочи дека главен фокус на вакцинацијата во моментов треба да се стави врз возрасните и ранливите групи на граѓани, а не врз децата.

На мал процент вакцинирани граѓани да се зборува за вакцинирање на деца, тоа не ми е логично.

Д-р Никола Пановски Микробиолог

– Мислам дека прво треба да се вакцинираат луѓето над 60 години. Не знам зошто би се вакцинирале децата, мислам дека целата работа е некако наопаку. Вакцинирањето е доброволно и пак ќе си ги вакцинираат децата оние што веќе се вакцинирани и нема да се заштитат фамилиите каде никој не е вакциниран. Очигледно има потреба да се вакцинираат ранливите, ризичните групи на граѓани. Не е во ред да се заштитутваат тие луѓе со тоа што ќе ја вакцинираме нивната околина и тоа децата кои лесно го поминуваат вирусот. На мал процент вакцинирани граѓани да се зборува за вакцинирање на деца, тоа не ми е логично. Тоа може да се зборува кога ќе имаме 75-80 отсто вакцинирано население – смета д-р Пановски.

Според него, околу 70 отсто од децата досега се природно имунизирани и засега тој не препорачува нивна вакцинација.

Поврзани содржини