УТРОВО ПИЕВ КАФЕ СО ЈОВЕВ, ОДЛУКАТА НЕ ЈА МЕНУВАМ Меџити останува на својот став и покрај притисокот од јавноста
Кога министерот донесува одлука и таа не се преиспитува, тоа е апсолвирано прашање, да не се повторувам, рече министерот Меџити.
Министерот за здравство Фатмир Меџити уште еднаш потврди дека професор д-р Сашко Јовев чие разрешување од директорската функција на Клиниката за кардиохирургија предизвика бурни реакции во јавноста, ќе продолжи да работи како доктор на кардиохирургија, но нема да се врати на функцијата.
– Утринското кафе го испив со почитуваниот д-р Сашко Јовев, тој ќе продолжи да работи на Клиниката за кардиохирургија, како најдобар кадар заедно со другиот стручен тим. Почитуваниот професор и натаму ќе ја има мојата поддршка да ги извршува своите задачи. Тој е мој добар другар и колега. Ќе видиме дали ќе има нов директор – одговори министерот Меџити на новинарско прашање на денешната прес-конференција по повод 100 дена од неговото министерување.
На прашањето дали ќе ја преиспита одлуката за разрешувањето на д-р Сашко Јовев од функцијата директор на државна кардиохирургија, Меџити рече:
– Кога министерот донесува одлука и таа не се преиспитува, тоа е апсолвирано прашање, да не се повторувам.
Тој исто така додаде дека ќе се залага со ребалансот на буџетот националната програма за трансплантација да добие многу повеќе средства.
Меџити претходно посочи дека за директорското место во Кардиохирургија очекува предлог од СДСМ бидејќи и Јовев бил предлог на оваа партија. Нов кандидат, според денешната изјава на Меџити, сè уште нема.
– Немаме тајминг за назначување нов директор, да го расчистиме прво случајот и потоа кога ќе има кадар прифатлив и за Министерството и за мене, јас сум тука – рече Меџити.
Министерот беше прашан и за тоа како го коментира тоа што неговиот претходник, министерот Беким Сали, го коментираше неговото однесување и го нарече „пишман аџија“ во однос на случувањата и понудата за советник на д-р Јовев, при што тој одговори дека не е љубител на социјални мрежи, ниту ПР.
– Јас не сум некој љубител на овие социјални мрежи, па ниту ПР. Кога ми викаа дека за ПР треба да платиме големи суми, јас им викам знаете што – со тие суми подобро да одам 3-4 тоалети по клиники да реновирам. Јас сум човек од акција и не би сакал да коментирам. Од првиот ден вие се сеќавате многу убаво дека кажав јас сум доктор, јас сум човек од акција и сакам тука да ставам еден хируршки рез и нема да се занимавам со минатото. За мене е многу битна сегашноста и иднината на граѓаните и на пациентите на Република Северна Македонија – рече министерот.