Уште едно дело против Мијалков може да застари

Застареноста се „заканува“ во предметот „Титаник 2“ кој што веќе еднаш е вратен на повторно судење за обвинетиот Сашо Мијалков, за кој што кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“ по чл.359 ст.5 од КЗ застарува во периодот март, април 2023 година доколку во овој период не биде донесена правосилна судска пресуда.

2,552

Постои можност да застари уште едно дело против поранешниот шеф на полицијата Сашо Мијалков, откако еден месец пред да му се пресуди затворска казна од 12 години беше објавено дека на Мијалков нема да му се суди за едно дело во судскиот процес „Тврдина-Таргет“ за незаконското прислушување во периодот меѓу 2008 и 2015 година.

Станува збор за дело во предметот „Титаник 2“, процес кој се однесува на изборни нерегуларности и почна пред три години, па со одлука на Апелацискиот суд беше вратен на повторно судење.






Ова го потврдија од Коалицијата за правично судење која ревносно ги следи судските процеси.

Поради застарување во процесот „Таргет Тврдина“, познато е дека отпадна едно од кривичните дела на обвинетиот Мијалков, односно застаре само делото за влијанието на поранешниот шеф на УБК за уништувањето на опремата со која се вршело прислушувањето.

– Застареноста се „заканува“ во предметот „Титаник 2“ кој што веќе еднаш е вратен на повторно судење за обвинетиот Сашо Мијалков, за кој што кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“ по чл.359 ст.5 од КЗ застарува во периодот март, април 2023 година доколку во овој период не биде донесена правосилна судска пресуда. Овој судски процес започна во април 2018 година, но сѐ уште нема своја завршница – велат од Коалицијата за правично судење.

Поранешниот министер Миле Јанакиески е обвинет во повеќе предмети на СЈО, поради што неговиот адвокат Еленко Миланов, многу пати тоа го истакнува на судските рочишта велејќи дека Јанакиески има повеќе судења од работни денови и бара од судиите да му се редуцираат рочиштата. Сепак, кај овој поранешен обвинет функционер, како што велат од Коалицијата за правично судење, нема закана од застарување.

– Во однос на обвинетиот Миле Јанакиески, кривичните дела кои му се ставаат на товар се однесуваат на кривични дела каде што е запретена висока казна, по поради тоа застареноста би настапила по истек на подолг временски период, над 10 години – велат од Коалицијата.

Во голем број од предметите кои што се иницирани од поранешното Специјално јавно обвинителство, објаснуваат правните експерти од Коалицијата за правично судење, застарувањето има релативно висок праг со оглед на тоа дека на обвинетите им се ставаат на товар кривични дела каде што се предвидени високи затворски казни, па аналогно на тоа потребен е подолг временски период како би можело да стане збор за застарување на кривичното гонење.

Застареност на кривичното гонење настапува во секој случај кога ќе помине двапати онолку време колку што според законот се бара за застареност на кривичното гонење.

После протекувањето на определено време од извршувањето на кривично дело, определено како рок на застареност во Кривичниот законик, не може да се спроведе гонење против сторителот на тоа дело, а доколку е преземено и во законскиот рок не дојде до правосилна судска одлука во тој случај постапката која се води против сторителот ќе се запре.

Застарувањето на кривичното гонење почнува од денот кога е сторено кривичното дело или настапила последицата. Ако делото е сторено спрема дете застарувањето на кривичното гонење почнува од денот на неговото полнолетство.

Павле Трајанов, пратеник и претседател на Демократскиот сојуз, неодамна предложи да се донесе закон за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција. Според Трајанов, во тој закон треба да се предвиди да нема застареност за тешки кривични дела од организиран криминал и висока корупција доколку делата се поврзани со злоупотреба на власта.

Тој исто така предложи и задолжително да се конфискува капиталот стекнат на криминален начин и да се изрекува заштитна мерка забрана на политичко дејствување од најмалку 10 години.

Поврзани содржини