Една вест, објавена вчера или денеска од страна на yahoo news, пренесена нецелосно и без цитирање на изворот и од македонски портали, ете, ме натера поторно да ѝ се навратам на медицината. Хахаха! Да се пошегувам и јас малку на сопствена сметка, односно на сметка на мојата прославена суета. Инаку, ако не сте знаеле, почитувани читатели, треба да научите дека поголем дел од македонските медиуми (главно порталите) вестите ги преведуваат од српски портали (поретко од хрватските) и не чувствуваат потреба да објавуваат линкови до изворите.
Нејсе, „веста“ што може да ја прочитате денеска е дека лековите „ремдесивир“ и „хидроксихлороквин“ се покажале „неуспешни“ во лекувањето на болните од ковид-19. Информацијата наводно е од Светската здравствена организација. Од СЗО, поточно, протекла информација за една студија (спроведена наводно во Кина), а новинарите побрзале да извлечат заклучок и да го прикажат како мислење на оваа светска организација. Тоа, стручно, се нарекува атрибуција. Во случајов, значи, станува збор за лажна атрибуција. Самиот тој факт веста ја прави класичен фејк. Патем речено, принципот на атрибуција мора да го знае секој профи новинар.
Страшно? Зависи како се гледа на нештата…
Принципи и правила
Неколку пати напишав дека во моментов е во тек еден глобален брејносторминг (во буквален превод – мозочна бура), една глобална дебата за тоа кои лекови, кои комбинирани терапии и кои терапии за поддршка можат да им помогнат на пациентите заболени од ковид-19, во време кога специфичен лек за оваа болест, едноставно, нема. „Бурата“ опфаќа и расправа за тестовите (за кои нашите новинари веднаш се изјаснија дека „не чинат“ и дека „не се точни“), но и за грозничавите обиди на научниците да пронајдат вакцина. Едно од најважните правила на брејнстормингот ,како алатка за развивање на когнитивната моќ, е да не се вреднува било која и било чија идеја. А тоа значи да не се отфрла како ерес, но и да не се прифаќа како догма. Во глобалната дебата за коронакризата се лиферуваат илјадници информации и теории и принципот налага секоја од нив да не се вреднува, освен ако не се докаже дека е злонамерно раширена.
Но, ако веќе извлекуваат заклучоци – и тоа прилично тврди! – новинарите сепак би требало некои нешта да знаат, а ако не знаат, тогаш треба веднаш да ги научат. Според една стара дефиниција, која не губи свежина и денес, новинарите се универзални сезнајковци. Секој профи новинар треба да ја усвои оваа дефиниција и да ја разбере нејзината суштина. Да објаснам: суштината е во тоа дека јас, на пример, можам коректно да известувам за внатрешната политика (за која нешто знам), за прашања од медицината (со која ме поврзува само љубопитството поттикнато од една нишка на хипохондрија во мојот карактер), но и за настаните во НБА лигата (за кои не знам ама баш ништо и ништо не ме интересира). Има принципи, правила и стандарди – за некои од нив ќе стане збор и во овој текст, другите се учат од добрите книги и од добрите мајстори на занаетот – кои ќе ми помогнат совршено добро да ги „покривам“ сите три области, ако се покаже нужно.
Во ерата на интернетот, кој овозоможува огромна достапност на информации од различни извори, тој што сака да чита и да научи, навистина има огромни можности. Треба само да се има желба да се биде универзален сезнајко, а не универзален незнајко. И секако, треба да се има чувство за она што е њузвредно или вествредно, една груба кованица која е најблизок буквален превод на терминот newсworthy, принцип што мора да го знае секој профи новинар.
Првиот во „кластерот“ препишувачи…
Во случајов, новинарот што ја пренел веста за „неуспешноста“ на спомнатите лекови, морал да знае некои факти што зборуваат за важноста, за вествредноста на таа информација. Имено, еден од спомнатите лекови („хидроксихлороквин“), веќе се користи кај нас за лекување на болни од ковид-19. Според министерот Венко Филипче, лекот, да бидам прецизен, дава резултати. Другиот лек, „ремдесивир“, наскоро треба да стаса и да се користи и кај нас. СЗО спроведува глобална студија со четири терапии, наречена „Солидарити“, а дел од таа студија е и Македонија. Двата спомнати лека се тестираат во таа глобална студија. Овој факт наложува поголема внимателност при пласирањето вести и наслови со финални заклучоци, за тоа дали овие лекови се успешни или некаде веќе „паднале“ на испитот. Нашиот универзален незнајко, првиот во „кластерот“ колеги што ја препишале веста, очигледно за тоа не размислувал.
Љубопитните профи новинари, кои читаат вести од кредибилни светски медиуми (на англиски јазик, задолжително, а уште подобро и на германски и на други светски јазици), можеби прочитале дека САД и СЗО водат „војна“ околу финансиите. Американците се во „војна“ и со Кинезите, поради нагласените обвинувања дека вирусот можеби е произведен во кинеска лабораторија. Во САД се води и една друга „војна“, меѓу претседателот Доналд Трамп и демократите, во врска со прашањето на менаџирањето на коронакризата. Малку пообразуваните профи новинари можеби ќе се сетат на една позната мисла, дека во секоја војна првата жртва е вистината. Таа гнома треба да ги мотивира ваквите „вести“ да ги проследуваат внимателно. Проверка и двојна проверка, уште еден важен принцип од кој треба да се раководи секој добар новинар.
За жал, ситуацијата кај нас е таква каква што е. Новинарството одамна веќе не е пропулзивна професија и во него се чувствува сериозна кадровска осека. Со чест на исклучоците, македонските новинари се недоволно образувани, недоволно љубопитни и посветени и со краток дострел (многу често и со краток фитил), па затоа, како по некое непишано правило, тие се „лепат“ на информациите од своите колеги универзални незнајковци од соседството, од кои што ги преземаат своите „ексклузиви“ и „сензационални“ вести. За жал, понекогаш се случува деривати на таквото „творештво“ да прочитате и во нашите медиуми кои имаат стекнато имиџ на кредибилност. Тоа посебно ме разочарува.
Харвард и Оксфорд, големо чудо!
Да се разбереме убаво. Кога зборувам за незнаењето како суштински проблем, во случајов не зборувам за непознавање на медицината и на фармацијата. Колку што ми е познато, меѓу македонските новинари, вклучувајќи ги и тие на кои здравството им е „сектор“, нема такви со завршен медицински или фармацевтски факултет. Жално е што ќе го кажам следново, но вие, почитувани читатели, треба да знаете дека меѓу нашите новинари има и многу без факултетска диплома. Иако тука веднаш мора да се каже дека суштинското знаење е многу поважно од формалното, особено денес, кога диплома лесно се купува. Како што веќе нагласив, зборувам за непознавање на темелни принципи и правила на новинарската професија, меѓу кои е и обврската да се верификува изворот на информацијата.
Што значи тоа? Новинар кој не знае да направи разлика меѓу „Економист“ и „Гардијан“, од една страна, и таболидите „Сан“ и „Дејли мирор“, од друга страна, логично е да не умее да ја утврди веродостојноста на изворите и на информациите што тие ги лиферуваат. За понапреднато знаење се смета правењето разлика како „дишат“ Си-Ен-Ен i Фокс њуз, на пример. A не „дишат“ на ист респиратор. Или да се знае што и кого претставуваат медиуми како „Њујорк тајмс“, „Вашингтон пост“ или Блумберг, да речеме.
Дополнително, новинарите мора барем базично да ги верификуваат и примарните извори на кои се повикуваат медиумите, како нивни секундарни извори. И тоа се учи, ако човек сака да чита и да учи, а не само да има „став“. Значи, секој од нас може да има свој став за Доналд Трамп или за Борис Џонсон, на пример, но не може да не се знае што е Харвард и што е Оксфорд и да се има „став“ дека тоа е исто што и некој наш селски универзитет. Не смее да не се знае дека во топ 10-те универзитети на Шангајската листа, секоја година 7 или 8 се од САД. Не може да не се сфати дека на тие универзитети се промовираат најголемите научници и авторитети во разни области (идните нобеловци), вклучувајќи ги и медицината и фармацијата. Всушност, жално е што сево ова кај нас може и да не се знае, зашто верувајте, има македонски новинари кои воопшто не знаат што е тоа Шангајска листа!
FDA? Што е тоа, WTF?!
Новинарите кои се занимаваат со „секторот“ кој сега се чини најважен, здравството, би требало нешто да знаат и за значењето и за кредибилноста на институциите, па и на луѓето важни за оваа област. Едно наше младо новинарско перо, во кусата расправа со мене на Фејсбук, во која како на битен авторитет во оваа област се повикав на FDA (Американската агенција за примена на храна и лекови), дрско прокоментира – а кој фактор е таа FDA? Бев шокиран. Не од незнаењето, туку од немањето желба на Гугл да се напишат тие три големи букви од кратенката и да се научи една важна работа за американската, а со тоа и за светската медицина. A јас бев со наум да се повикам и на CDC и на една статија во The Lancet. Да тргневме натаму во дебатата, кој знае што ќе дочекав. Од сите кратенки, младата дама веројатно ја знае само онаа најважната – WTF?!
Пишувајќи своевремено за лекот „хидроскихлороквин“, нагласив дека овој лек го произведуваат француската компанија „Sanofi“ под комерцијалното име „плакенвил“ и „Bayer“ под комерцијалното име „резохин“. Секој новинар можеше да ги провери на интернет овие референци и да сфати дека станува збор за лек кој веќе постои и се применува – се применувал и во Македонија, регистриран е кај нас, продаван е во аптека! – како и за многу сериозни компании. А пак упорно се трубеше дека станува збор за „експериментален лек“. Кому да објасниш дека употребата на лекот за лекување на ковид-19 е експеримент, а не лекот по себе? Кому да објасниш дека еден куп лекови користиме од „Sandoz-Sanofi“, а дека „аспиринот“ што го голтаме е токму на „Bayer“?
Не треба да се биде експерт за медицина, лекар, за да се знае дека кога во кредибилен странски медиум ќе се прочита името „ремдесивир“ како надежен лек, треба нешто да се прочита и за производителот (Gilead Sciences), како и за клиничките студии кои се во тек. Треба информациите да се проверат од повеќе извори (уште едно златно новинарско правило), а ако е тоа неопходно, новинарот може да се обратии до компанијата производител. Јас го сторив тоа, напишав писмо до Gilead и прашав дали нашата земја може да биде дел од студијата во која се испитува овој лек. Подоцна СЗО објави официјална информација за „Солидарити“, а министерот Филипче потврди дека сме дел од таа глобална студија.
Од Вардара па до Триглава… па ни до таму!
За жал, почитувани читатели, глобалната коронакриза нема многу да ги промени македонските новинари, или барем поголемиот дел од нив. Нема многу да не промени сите нас. За сите нас (барем за повозрасните), светот на информациите е скратен од некогашниот простор „од Вардара па до Триглава“, на просторот „од Гевгелија до Табановце и до Белград“. Малку од новинарите деновие сакаат изворно да прочитаат што прават големите авторитети во светот на медицината и на фармацијата, што истражуваат светски познатите американски и европски универзитети, на што се посветени големите имиња на науката, меѓу кои има и такви кои потекнуваат од нашиве простори (како д-р Иван Ѓикиќ, идниот нобеловец, по потекло Хрват од Босна, или д-р Нада Басара, Србинка, двајцата супер авторитети во Германија). Никој не се интересира што прават големите играчи во светот на фармацијата, тие со пари и со капацитети за развојни истражувања, како компаниите што веќе ги спомнав, но и Novartis, Johnson&Johnson, Pfizer, Roche и многу други.
Велам, кризава навистина е глобална, но таа сепак нема битно да го смени нашиот менталитет. Ние, дури и на ниво на елементарна информираност, култура и дејствување, сепак ќе си останеме локалци. Со чест на исклучоците (ја повторувам оваа фраза, не е баш асимптоматски тоа), и лекарите, и новинарите, па ако бидеме чесни и да си признаеме, и сите ние заедно, се чувствуваме прилично комотни вака изолирани и затворени во нашата тврда луспа од горделиво незнаење. Таа комфорна позиција ни овозможува бзроплето да заклучуваме кој лек или кој тест „чини“ а кој „не чини“ и секој обид да се крене главата арогантно да го дисквалификуваме како „претенциозност“ и недозволиво „мешање во туѓи работи и надлежности“.
Не е секаде така, драги мои. Што и да мислиме за спомнатиот Трамп, кога зборува Фаучи – немојте да ме прашувате кој е Фаучи, ќе помислам дека навистина живеете само „на брдовитом Балкану“! – Трамп и Помпео гувеат. Кога зборува српскиот епидемиолог Предраг Кон, богами гувее и Александар Вучиќ, а не му е лесно. Бојко Борисов тера шеги и се прави фраер, но генералот Венцислав Мутафџиски има последен збор. Да не зборувам сега за Хрватска. Како што напиша некој на Фејсбук деновиве, Хрватите успеаја да го изолираат вирусот во лабораторија, а ние успеавме да ја изолираме половина влада.
Што друго да се каже? Такви сме. Од ова зајре, таква манџа излегува. Можеби за едно дваесет или триесет години ќе бидеме поинакви. Ова колку да внесам малку оптимизам, заедно со сончевото време на кое ќе му се радуваме викендов. Излезете малку надвор, а потоа останете дома. И бидете здрави!