Уметнички инсталации направени во полицискиот час: Ќе станеме ли помудри по корона изолацијата? ГАЛЕРИЈА
Небојша Гелевски – Бане, инструктор за дизајн го искористи викенд карантинот и направи неколку уметнички инсталации, инспирирани од коронакризата.
„Вирусот е сеприсутен. Секојдневната интеракција со луѓето, предметите и природата го илустрира најдлабокото влијание на пандемијата врз нашите општества. Затворањето во нашите домови, всушност стана можност и отворање на нови перспективи, размислување или преиспитување на нашите приоритети, стравови, нашата интеракција со природата, семејството, пријателите, вредноста на слободата, влијанието на политиката, грижата за менталното здравје, интроспекција на нашето однесување (особено интересни феномени на грабањети тоалетна хартија) – вели Гелевски – Бане.
Главниот лик во уметничките инсталации е „научник“ во заштитната облека, кој, како што објаснува тој, е персонификација на напорите на обичниот човек да се справи со предизвиците, да гo разбере и да се прилагоди на времето на коронавирус.
„Осаменоста, беззборовната комуникацијата, понекогаш мрачната атмосфера се контрастираат меѓусебно на фотографиите кои прикажуваат и среќни моменти како допир со природата или комуникација со пријател, без вообичаен човечки допир. Криејќи се од вирусот, во постојани промени во расположението, стравовите и надежите, ненадејно откриваме микро космоси кои обично ги занемаруваме. Гледајќи се себеси како предмети, нашите реакции и соодноси, ни отвора фина подлога за размислување: како ќе се промениме? Ќе станеме ли помудри по корона изолацијата? Сите инсталации и фотографии се направени дома за време на полицискиот час, од10 до12 април, за време на 61 час полициски час во Скопје, Македонија“, објаснува уметникот.