УКРАИНА БАРА ИТНА СЕДНИЦА НА ООН Киев бара меѓународна реакција против Русија
Украина побара итни меѓународни состаноци по масовните руски ракетни напади во кои има загинати и десетици повредени, а погодени се и државни институции.
Украина побара итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации и состанок на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, по масовните руски воздушни напади врз земјата, соопшти украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха.
Во објава на платформата Х, Сибиха побара „силен и одлучен одговор“ од меѓународната заедница по ноќните напади, кои најмногу го зафатија регионот околу Киев, при што била употребена и балистичка ракета со среден дострел „Орешник“.
Тој ја обвини Русија дека со „варварски ракетни напади“ се обидува да го надомести недостигот на напредок на фронтот во војната против Украина.
Според украинските власти, само во Киев загинале најмалку две лица, додека бројот на повредени во главниот град се искачил на 81 лице.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека во нападите низ целата земја се повредени околу 100 лица, а најмалку четири лица го загубиле животот.
Нападите оштетиле и повеќе владини згради, меѓу кои Министерството за надворешни работи и зградата на Владата, а биле погодени и станбени објекти, музеи и училишта. Нападите се случиле на државен празник.
– Рускиот претседател Владимир Путин се обидува да ја заплаши Украина преку напади врз цивили и уништување на инфраструктурата – изјави Сибиха.
Тој додаде дека меѓународната заедница мора да реагира и да преземе конкретни мерки.
– Ги повикуваме партнерите на одлучна акција за да ја одвратат Русија и да ја поттикнат кон сеопфатен, праведен и траен мир – порача украинскиот министер.