УКРАДЕНИ РЕТКИ ВИНА ВРЕДНИ ОКОЛУ 5 МИЛИОНИ ЕВРА Од винарија во Тоскана исчезнале 30.000 шишиња врвно вино
Седум маскирани мажи, според снимките од безбедносните камери, влегле во магацин на познатата винарија „Marchesi Antinori“, ги онеспособиле алармите и го натовариле виното во два камиона.
Од познатата италијанска семејна винарија „Marchesi Antinori“ биле украдени 30.000 шишиња врвно вино, чија вредност се проценува на околу пет милиони евра, соопшти компанијата.
Винаријата, чие производство датира од 1385 година и која денес извезува во 170 земји, ги предупреди купувачите да бидат внимателни со понудите што се појавуваат надвор од официјалните продажни канали. Кражбата се случила минатиот викенд, а од компанијата сè уште се надеваат дека украденото вино ќе биде пронајдено, пренесува „Reuters“.
Според соопштението на компанијата, крадците однеле меѓу 8.000 и 10.000 шишиња „Solaia“, една од најбараните италијански вински етикети, како и вина од брендовите „Tignanello“ и „Guado al Tasso“.
Овие вина во малопродажба се продаваат по цени од 150 евра за шише, а некои од најретките берби достигнуваат и вредност од неколку илјади евра за шише.
Ова е последната во низата кражби во италијански винарници. Во јули, крадци ја ограбиле и познатата винарија „Banfi“ во Монталчино.
Претходните вакви случаи најчесто вклучувале помали количества вино, односно кражби на неколку шишиња од ресторани, визби или дистрибутивни центри. Во поновите случаи, меѓутоа, станува збор за грабежи од големи размери, при кои се крадат значителни залихи директно од магацините на винарниците.
View this post on Instagram
Компанијата „Marchesi Antinori“, со седиште во Фиренца, располага со снимки од безбедносните камери на кои, според нејзините наводи, се гледаат седум маскирани мажи како минатиот викенд влегуваат во магацин во Кортона и ги онеспособуваат алармните системи.
Потоа, илјадници гајби со црвено вино од Тоскана биле натоварени во два камиона, објави „Reuters“.
Од винаријата наведуваат дека времето во кое била извршена кражбата и професионалниот начин на кој била изведена упатуваат на вмешаност на високоорганизирана група. Кражбата била откриена во понеделникот наутро, кога вработените пристигнале во магацинот.
Работата на крадците дополнително им била олеснета од фактот што виното во тој момент веќе било подготвено за испорака.