Угостителите едвај чекаат да им заиграат сватови во рестораните
На денешниот состанок на Комисијата не се разговарало за воведување нови мерки на границите со Косово и со Србија.
Угостителите и денеска од Комисијата за заразни болести побарале изготвување Протокол за организирање свадби и други прослави во рестораните и хотелите. Исто така, се бара и како да почнат да работат базените, коишто од пред 10-тина дена се отворени само за членови на пливачките клубови.
– Секој ден бараат свадби и други прослави да може да се се организираат. Ова е 5-то здружение на угостители од кадешто и денеска дојдоа да побараат побрзо донесување на протоколот. Секое здружение бара чаре во оваа ситуација, но според проценката на безбедносната состојба и на други ризик фактори во состојба на епидемија, се изготвуваат предлог протоколите – изјавија од Комисијата.
Веќе четврти месец не е дозволено органирање свадби и други прослави во рестораните и хотелите поради епидемијата на ковид-19 во земјата. Во минатиот понеделник проработеа теретаните, а хотелите смеат да примаат гости, но со строго почитување на безбедносните мерки против ширење на вирусот корона.
Од прославите коишто беа организирани дома или на други места за кои се уште нема дозвола, досега произлегоа неколку кластери со десетици заразени лица кои како гости присуствувале на свадби, родендени, но и на мекици и на други прослави.
На денешниот состанок на Комисијата не се разговарало за воведување нови мерки на границите со Косово и со Србија.
Министерот за здравство, Венко Филипче, вчера изјави дека се чекаат информации од центрите за јавно здравје во јужна Србија и на Косово за состојбата со вирусот, па тогаш ќе се реши за еевнтуалното воведување нов мерки на границите.