„ЃУБРЕТО ГО ПРЕПЛАВИ СКОПЈЕ, НО ИМАМЕ РЕШЕНИЕ“ Мециновиќ најавува европски модел за преработка на отпад

Разгледуваме технологија за преработка на комунален отпад во горивни деривати. За Вардариште може да се изгради централа од 720 м² која би чинела шест милиони евра, а за Дрисла, модерна постројка од 60 милиони евра со затворен систем за преработка, објасни кандидатот на Левица.

952

Кандидатот за градоначалник на Скопје од партијата Левица, Амар Мециновиќ, денес ја продолжи својата предизборна кампања со остри критики за состојбата со отпадот во градот, која ја нарече „најапсурдна што Скопје некогаш ја имало“. На прес-конференција Мециновиќ го презентираше планот на партијата за решавање на проблемот, преку целосна санација и реформа на јавното комунално претпријатие.

– Повторно се вжештува ситуацијата околу сметот. Никој не можеше да претпостави дека ќе дојдеме во состојба на вакво преплавување со отпад и целосен колапс на комуналните претпријатија и градските власти – изјави Мециновиќ, додавајќи дека без оглед кој ќе победи на изборите, новата администрација ќе мора веднаш да почне со расчистување на ситуацијата.






– Јавноста треба да знае дека независно кој ќе добие поддршка, треба веднаш да се почне со чистење. Ги повикувам сите скопски градоначалници, и оние што веќе победија, и оние што одат во втор круг, да бидат спремни да работиме заедно на решавање на оваа криза – додава тој.

Мециновиќ нагласи дека во изминатите четири години локалната власт, која била под контрола на ВМРО-ДПМНЕ, го довела градот до колапс.

– Четири години локалната власт беше во нивни раце, и на ниво на град, и во најголем дел од скопските општини. Не смееме повторно да си дозволиме луксуз да се играме со здравјето на скопјани и да поддржуваме партии кои од суета создаваат кризи – изјави тој.

Тој остро реагираше и на најавата на премиерот Христијан Мицковски за јавно-приватно партнерство во ЈП „Комунална хигиена“.

– Тоа е јасен сигнал дека нивната намера била да го колабираат претпријатието за потоа да го продадат. Ние тоа нема да го дозволиме – вели кандидатот на Левица.

Мециновиќ најави дека Левица планира целосна модернизација на комуналните претпријатија, со нови постројки за преработка на отпадот според европски стандарди.

– Разгледуваме технологија за преработка на комунален отпад во горивни деривати. За Вардариште може да се изгради централа од 720 м² која би чинела шест милиони евра, а за Дрисла, модерна постројка од 60 милиони евра со затворен систем за преработка – објасни кандидатот.

Тој додаде дека приоритет ќе биде окрупнување на капацитетите, модернизација на механизацијата и подобрување на условите за работа во јавните комунални претпријатија, наместо приватизација.

На крајот, Мециновиќ упати повик до граѓаните на Скопје да го претворат својот гнев и разочараност во активна одлука на втори ноември.

– Некој дозволи да дојдеме до ова дереџе, некој мисли дека ќе профитира од нашиот хаос. Но тоа треба да го претвориме во одлука, одлука што ќе го врати градот во нормала и ќе го врати достоинството на Скопје – порача Мециновиќ.

Поврзани содржини