НАД 50 НАСТАНИ И 700 УМЕТНИЦИ ЗА 66. „ОХРИДСКО ЛЕТО“ Вечерва „Љубов“ ќе ја отвори сцената во Античкиот театар
Охрид од вечерва повторно станува летна престолнина на уметноста. Повеќе од 700 уметници од 24 земји и 50 настани се најавени во 40-дневната програма на „Охридско лето“.
Со гала-концертот „Љубов“, на кој ќе настапат светски познатата албанска сопранистка Ермонела Јахо и американскиот тенор Чарлс Кастроново, вечер во 21 часот на сцената на Античкиот театар во Охрид ќе биде отворено 66. издание на фестивалот Охридско лето.
Концертот ќе биде под диригентската палка на италијанецот Марко Боеми, во придружба на Националната опера и балет.
Директорот на НУ Охридско лето, Ѓорѓи Цуцковски, истакна дека фестивалот веќе 66 години успешно ја гради својата меѓународна репутација, претставувајќи мост меѓу културите, народите и генерациите.
„Како директор на фестивалот чувствувам особена одговорност, но и привилегија да бидам дел од приказната што со децении ја обликува духовната и културната мапа на нашата земја и пошироко. Охридско лето не е само фестивал – тоа е традиција, вредност и мост што ги поврзува културите, народите и генерациите“, рече Цуцковски.
Во рамките на 40-дневната програма ќе бидат реализирани околу 50 музички и сценски настани од областа на класичната музика, џезот, балетот и театарот, со учество на повеќе од 700 уметници од 24 земји.
Фестивалот годинава ќе одбележи и два значајни јубилеи – 100 години од раѓањето на оперската дива Ана Липша-Тофовиќ и 60 години од основањето на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Новост во програмата се концертите на џез-музика, кои ќе се одржат од 13 до 16 август на сцените „Долни Сарај“ и „Света Софија“, со настап на врвни музичари од САД, Гана, Велика Британија, Холандија, Германија и Северна Македонија.
Минатогодишното издание беше најпосетено во последната деценија, со над 10.000 посетители и публика од повеќе од 30 земји, што претставува значаен придонес за промоција на Охрид како културна и туристичка дестинација.
Фестивалот се одржува под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, со финансиска поддршка од Владата преку Министерството за култура и туризам. Генерален спонзор е „А1 Македонија“.