СРЕДНОШКОЛЦИТЕ ОД „ОРЦЕ НИКОЛОВ“ ЈА НОСАТ МАКЕДОНСКАТА НАРОДНА МУЗИКА ВО ЊУЈОРК Потребна им е поддршка за патувањето во септември

По освоеното прво место на престижен меѓународен натпревар, Оркестарот на „Орце Николов“ доби покана за 2 настапа во Њујорк. За патувањето е потребна финансиска поддршка.

90

Дваесетина ученици од Оркестарот на СУГС Гимназија „Орце Николов“ во септември ќе имаат можност да станат млади амбасадори на македонската култура во САД, откако годинава го освоија првото место на престижниот меѓународен натпревар International Youth Music Competition (IYMC).

Како награда за освоеното признание, оркестарот доби покана за два настапа во Њујорк, каде што пред меѓународна публика ќе ја претстави македонската народна музика – богатството што со генерации го гради нашиот музички идентитет.






Народните песни што ќе ги изведат се во автентични аранжмани на шеф-диригентот Марко Балоски, создадени специјално за овој младински оркестар. Во само две години постоење, овие средношколци успеаја преку четири големи концерти и своите настапи да ја доближат македонската народна музика до младите и да покажат дека традицијата може да звучи современо, а притоа да го зачува својот автентичен дух.

Настапот во Њујорк е можност македонската народна музика да се слушне на една од најзначајните светски музички сцени и пред публика од различни земји. Но, за тој сон да стане реалност, потребна е финансиска поддршка за патувањето и престојот на оркестарот. Затоа младите музичари упатуваат повик до институциите, компаниите, банките и сите општествено одговорни поединци и организации да помогнат овие талентирани ученици достојно да ја претстават Македонија.

Нивниот настап нема да биде само концерт, туку можност македонската традиција, музика и култура да добијат свое место пред светската публика. Сите што сакаат да го поддржат проектот или да добијат повеќе информации можат да се обратат на [email protected] или на телефон 071 972 352.

Поврзани содржини