УАПСЕН ВИСОК СЕВЕРНОКОРЕЈСКИ ФУНКЦИОНЕР Ким не му го прости неуспешното лансирање и оштетувањето на разорувачот од 5.000 тони

Станува збор за разорувач од 5.000 тони кој се превртел за време на лансирањето и сериозно го оштетил трупот, што Ким го опиша како „криминален чин“ кој „сериозно го нарушил достоинството и гордоста на земјата“.

818

Северна Кореја уапси уште еден, четврти по ред,  функционер поради неуспешното лансирање на новиот воен брод, што го разгневи лидерот Ким Џонг-ун, објави државната новинска агенција КЦНА.

Ри Хјонг-сон, заменик-директор на Одделот за воена индустрија на владејачката Работничка партија, е уапсен, поради како што се наведува, дека е  „во голема мера одговорен за сериозниот инцидент“ што се случи минатата недела.






Станува збор за разорувач од 5.000 тони кој се превртел за време на лансирањето и сериозно го оштетил трупот, што Ким го опиша како „криминален чин“ кој „сериозно го нарушил достоинството и гордоста на земјата“. Бродот моментално е во процес на поправки под надзор на експертски тим, објави КЦНА.

Ри, кој е и член на Централната воена комисија на партијата – телото кое управува со Корејската народна армија и ги одредува воените политики на земјата – досега е највисоко рангираниот функционер уапсен во врска со инцидентот.

Во текот на викендот, уште три лица беа уапсени од бродоградилиштето во Чонгџин на северот од земјата, каде што е изграден бродот и каде што се случил инцидентот. Уапсени се главниот инженер, раководителот на градежништвото и административниот раководител.

Не е познато каква казна ги очекува уапсените, но е познато дека властите во таа авторитарна држава често ги осудуваат службениците на принудна работа, а понекогаш и на смртна казна.

Инцидентот во бродоградилиштето се случи неколку недели откако Северна Кореја претстави сличен воен брод во друг дел од земјата. Ким потоа го нарече тој брод „пробив“ во модернизацијата на морнарицата и го најави неговото распоредување на почетокот на следната година.

Поврзани содржини