УАПСЕН ЧЛЕН НА ХАМАС ВО ГЕРМАНИЈА Планирал крвави напади врз еврејски цели во Европа
Германската полиција го спречи увозот на оружје за терористички акции, во акција откриена мрежа поврзана со Хамас во неколку земји.
Борхан Ел-К, осомничен член на палестинската милитантна организација Хамас, е уапсен во Германија при обид да влезе во земјата преку Чешка, соопштија германските безбедносни служби.
Според извештаите, Ел-К. бил приведен на автопатот А17 од истражители на Федералната канцеларија за криминална полиција (БКА) и федералната полиција. Германските власти го обвинија за набавка на оружје со цел подготовка на терористички напади врз еврејски и израелски цели во Германија и пошироко низ Европа.
Во соопштението на канцеларијата на федералниот обвинител се наведува дека осомничениот во август 2025 година купил автоматска пушка АК-47, осум пиштоли „Глок“ и над 600 куршуми, кои потоа биле испратени на негов соучесник во Берлин.
Полицијата успеала да ја спречи предадата на оружјето, планирана на улицата Турмштрасе, по успешна интервенција.
Иако Хамас негира поврзаност со случајот, германските обвинители тврдат дека постојат докази дека оружјето било наменето за планирани напади на израелски и еврејски цели.
Истрагата открила дека случајот е поврзан со претходни апсења извршени во октомври, кога во Виена беше пронајдено складиште за оружје, за кое австриските власти исто така сметаат дека има врска со Хамас.
Минатата недела, во Лондон бил уапсен уште еден осомничен, 39-годишен британски државјанин, кој наводно транспортирал оружје кон Виена.
Во исто време, данската полиција утрово извршила претреси во и околу Копенхаген, во домови поврзани со Ел-К. и неговиот соучесник.
Според германското обвинителство, Ел-К. ќе биде изведен пред истражен судија на Федералниот суд, кој ќе одлучи дали против него ќе биде издаден налог за притвор.