УЈП СЕ ЗАКАНУВА СО БЛОКАДИ Kој не платил данок за 2025 веднаш влегува во проблем

Управата за јавни приходи ги повика сите обврзници што не ги подмириле обврските за 2025 година да платат веднаш, предупредувајќи на камати, блокирање сметки и присилна наплата.

2,684

Рокот за плаќање на разликите по годишните даночни биланси за 2025 година истече на 16 април, а Управата за јавни приходи (УЈП) ги повикува сите обврзници кои сè уште немаат извршено уплата тоа да го направат без одлагање, за да избегнат дополнителни трошоци и мерки за наплата.

Од УЈП предупредуваат дека доцнењето со плаќањето директно го зголемува долгот поради пресметка на камата, а може да доведе и до присилна наплата, блокирање на банкарски сметки и дополнителни административни трошоци.

„Навременото исполнување на даночните обврски е клучно за стабилноста на јавните финансии и непречено функционирање на јавните услуги. Секое одложување значи поголем долг за граѓаните и компаниите, но и можни мерки како блокада на сметки и присилна наплата“, велат од Управата за јавни приходи.

Според податоците на УЈП, од вкупно 19.550 поднесени биланси за данок на добивка, данок на вкупен приход и данок на личен доход кај вршителите на дејност со утврдена обврска за плаќање, досега 10.252 обврзници ја имаат извршено уплатата, што, како што наведуваат, покажува солидно ниво на даночна дисциплина.

Од институцијата информираат дека веќе се испраќаат персонализирани известувања до фирмите и самостојните вршители на дејност кои имаат заостанати долгови.

„Ги повикуваме обврзниците на итно плаќање на доспеаните обврски за да се избегнат дополнителни трошоци. Во спротивно, ќе следува присилна наплата со дополнителни давачки, вклучително еднократни такси и банкарски трошоци кои го зголемуваат вкупниот долг и влијаат врз ликвидноста на работењето“, соопштуваат од УЈП.

Од Управата додаваат дека постојат повеќе начини за намирување на обврските, меѓу кои и уплата од трето лице, пребивање со даночни побарувања, како и плаќање на рати, согласно законските услови.

УЈП апелира граѓаните и компаниите навремено да ги регулираат обврските за да избегнат дополнителни финансиски последици.

Поврзани содржини