МАТУРАНТКИТЕ ЌЕ КРШАТ ШТИКЛИ, ГРАЃАНИТЕ М’КНАТ ТОРБИ ПО СКАЛИ Со месеци не работат лифтовите во катната гаража „26 Јули“
Градски паркинг наплаќа карти и месечни претплати, а не го одржува паркингот, граѓаните револтирани.
Со месеци не работат четирите лифта во катната гаража „26 Јули“ спроти „Макпетрол“ во Скопје. Во оваа катна гаража секој викенд паркираат граѓани кои пазарат на блиското Зелено пазарче и со тешки колички и торби се качуваат по скали до нивните возила. Паркираат и вработени во околните фирми, кои имаат месечни или годишни билети. За место во оваа катна гаража се чека со месеци, а месечна претплата за физички и за правни лица е 2.000 денари. Годишна претплата за физички и правни лица е 20.000 денари, според ценовникот обајвен на веб страницата на Градски паркинг.
Плусинфо пред околу еден месец побара одговор од Градски паркинг за состојбата со лифтовите, но до денес не го доби.
– Ова е навистина срамота. Се паркирав и видов дека не работат двата лифта, си реков, добро сигурно работат другите два. Но, не. Кога се вратив од пазар натоварена со полна количка и со торби во раце, морав да се качувам до вториот кат по рампата. Паркингот го платив на автомат, зашто и во кабината веќе не седи никој. Паркингот е полн со коли секој ден, а тие немаат пари за поправка на еден лифт? Срамота! – сведочи една повозрасна скопјанка.
Граѓаните што редовно ја користат оваа гаража се жалат и на нехигиената.
– Скалите се ужасно валкани и смрдат на урина. Полна карта наплаќаат, а нивните обврски кон корисниците, кон граѓаните не ги почитуваат. Ни метла, ни средство не поминало од изградбата на објектот до денес. Сите тоалети се затворени, нужда врши кој каде ќе стаса – вели друг граѓанин.
Наскоро, во мај, почнуваат матурските прослави во ресторанот „Рагуза“ кој се наоѓа на најгорниот 6. кат од гаражата.
– Се прашувам дали до тогаш ќе проработат лифтовите или матурантите ќе се качуваат во нови чевли и во високи потпетици до 6 кат. Ова е невиден резил за Градски паркинг и за Град Скопје – додава мајка на матурант.
Катната гаража располага со 445 паркинг места, од кои 17 паркинг места се наменети за лица со попреченост.