📽️ ТРИ „ЕР ТРАКТОРИ“ ДЕЛУВААТ НА ЖЕДЕН Пожарот беснее на стрмен и непристапен терен
Пожарникарите не можат да пристапат до огнот поради стрмниот терен и густата вегетација, па гаснењето од воздух е главната операција.
Трите „ер трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување денеска дејствуваат врз пожарот што избувна на планината Жеден, на подрачјето на Општина Јажинце, информираше директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Ангелов во видеоизјава од местото на пожарот посочи дека огнот зафатил исклучително стрмен терен со густи грмушки, поради што движењето и пристапот на пожарникарите се сериозно отежнати.
– Од тие причини пожарникарите не можат да дејствуваат, затоа денес работат трите „ер трактори“ со концентрирано дејство на неколку точки, каде што имаме намера да го пресечеме и да не дозволиме негово ширење – изјави Ангелов.
Според него, целта е најпрво да се воспостави делумна контрола врз пожарот, а доколку условите дозволат, огнот да биде ставен под целосна контрола до крајот на денот.
Ангелов упати и благодарност до тројцата пилоти на Дирекцијата за заштита и спасување кои учествуваат во гаснењето.
– Сакам да изразам голема благодарност до тројцата многу храбри пилоти на ДЗС, кои секојдневно се на работа и пожртвувано летаат ниско над пожарите со намера да ги изгаснат и на тој начин да им помогнат на македонските граѓани – порача Ангелов.