ТРАМП ГО БРАНИ ПРВИОТ ЧОВЕК НА ФИФА „Ужасна грешка“ ќе биде ако го сменат Инфантино

Американскиот претседател застана во одбрана на Џани Инфантино во момент кога претседателот на ФИФА се соочува со критики околу неуспешниот инвестициски план и нови наводи поврзани со неговиот период во УЕФА.

0

Американскиот претседател Доналд Трамп застана во одбрана на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, предупредувајќи дека светската фудбалска федерација би направила „ужасна грешка“ доколку реши да го замени.

Трамп порача дека Инфантино е „фантастичен“ и го пофали за организацијата на Светското првенство во 2026 година, кое се одржа во САД, Канада и Мексико.






„ФИФА би направила ужасна грешка ако, од која било причина, го замени претседателот Џани Инфантино. Тој е фантастичен, штотуку го организираше најуспешното Светско првенство во историјата, четири пати поголемо од сите претходни Светски првенства. Ако си оди, Мундијалот никогаш повеќе нема да биде толку успешен или профитабилен“, напиша Трамп на социјалните мрежи.

Изјавата доаѓа во момент кога Инфантино се соочува со зголемен притисок и критики околу начинот на кој ја води ФИФА.

Меѓу причините е и неуспешниот план за привлекување приватни инвестиции во компанија што требаше да управува со натпреварите на ФИФА, вклучително и со Светското првенство, преку продажба на удели на инвеститори.

Дополнителен притисок создадоа и неодамнешните откритија поврзани со неговиот период во УЕФА. Според „Телеграф“, УЕФА размислува за можна истрага за однесувањето на Инфантино во текот на неговите 16 години во организацијата.

Причина за тоа се наводите дека поранешна вработена во УЕФА, со која Инфантино наводно бил во врска додека бил генерален секретар на европската фудбалска организација, добила исплата при заминувањето од УЕФА. Според „Телеграф“, станувало збор за сума поголема од 150.000 фунти, во која биле вклучени и трошоци за МБА-студии.

УЕФА потврди дека исплатата била извршена, но посочи дека оттогаш ги заострила правилата за да ги усогласи со стандардите што ги бара една современа и високопрофилна организација. ФИФА, пак, ги отфрли наводите, додека Инфантино ги негира обвинувањата.

Токму во овој контекст доаѓа и јавната поддршка од Трамп, кој со својата порака јасно застана зад актуелниот прв човек на светскиот фудбал.

Инфантино е претседател на ФИФА од 2016 година, а неговиот актуелен мандат трае до 2027 година.

Поврзани содржини