ТРАМП ГЛЕДА КРАЈ НА ВОЈНАТА, САД ГО СТЕГААТ ОРМУЗ „Иран е практично уништен“

Американскиот претседател тврди дека војната ќе заврши „многу брзо“, на еден или на друг начин. Вашингтон, според него, веќе има целосна контрола врз клучниот нафтен коридор.

1

Претседателот на САД Доналд Трамп најави брза завршница на војната со Иран, тврдејќи дека САД веќе воспоставиле целосна контрола врз Ормускиот Теснец. Американскиот лидер повторно ја остави отворена и можноста за договор со Техеран.

– Ќе видите дека работите ќе се случат многу брзо – им рече Трамп на новинарите во Овалната соба, додавајќи дека војната ќе заврши „на еден или на друг начин“.






Трамп го опиша Иран како „практично уништен“. Тој тврди дека иранската економија е во тешка состојба и дека инфлацијата во Иран надминала 300%.

Американскиот претседател истовремено изјави дека иранската морнарица и воздухопловство се уништени. Според него, Техеран останал и без значителен дел од противвоздушните капацитети.

Најсилното тврдење, сепак, го врза за Ормускиот Теснец. Трамп прво рече дека Вашингтон има „речиси целосна контрола“, а потоа отиде чекор понатаму.

– Би рекол целосна контрола – изјави Трамп.

Американскиот лидер тврди дека во последните 3 дена низ теснецот поминало повеќе нафта од кога било претходно. Американската морнарица ја одржува блокадата на иранските пристаништа, а свежите американски извештаи наведуваат дека извозот на нафта преку Ормуз нагло се зголемил.

– Не зборувам само за периодот од почетокот на војната. Зборувам за кој било момент во историјата. Таа нафта беше натрупана – рече Трамп.

Претседателот на САД претходно ја постави иднината на конфликтот како избор меѓу нов воен удар и договор со Техеран.

– Можеби ќе ги дигнеме во воздух. Мораме да ја донесеме таа одлука. Дали да ги дигнеме во воздух или да постигнеме договор – изјави Трамп.

Трамп и претходно најавуваше брз крај на конфликтот. На 9 септември тврдеше дека очекува војната да заврши веднаш по американските конгресни избори, додека последните денови продолжија и дипломатските контакти меѓу Вашингтон и Техеран.

Поврзани содржини