📽️ ТРАГИЧЕН ПОЖАР ВО БАНГЛАДЕШ, ИЗГОРЕ БАМБУСОВ КОМПЛЕКС Одморалиштето немало дозвола за рабоа

Најмалку 10 лица, меѓу кои и деца, загинале во пожар во туристички комплекс изграден од бамбус и од дрво. Објектот наводно работел без потребните дозволи, а полицијата повела постапка против сопствениците.

15

Најмалку 10 лица загинале, а деветмина се повредени во пожар во туристичко одморалиште во Бангладеш.

Трагедијата се случила во трикатен комплекс изграден од лесно запаливи материјали, кој, според локалните информации, работел без потребните дозволи.






Пожарот го зафатил одморалиштето „Туптуп Ресто енд Ресорт“ на плажата Инани, во туристичкиот регион Кокс Базар. Меѓу загинатите има и деца, објавија локалните медиуми на 17 октомври.

Според првичните информации од противпожарната служба и од истражните органи, вработените го напуштиле комплексот веднаш по избувнувањето на пожарот.

Наместо да помогнат при евакуацијата, тие наводно побегнале од објектот. Гостите останале без насоки за безбедно напуштање на зградата, додека густиот чад брзо ги исполнувал просториите.

Истражителите испитуваат дали однесувањето на персоналот придонело за големиот број жртви.

Дополнителен проблем била конструкцијата на одморалиштето. Трикатниот објект бил изграден претежно од бамбус и од дрво, материјали што лесно горат.

Пламенот брзо се проширил низ комплексот. Според првичните извештаи, зградата била речиси целосно уништена пред пожарникарите да успеат да го стават огнот под контрола.

Но, трагедијата отворила и прашања за законитоста на работењето на одморалиштето.

Според информациите од локалните власти, комплексот немал соодветна градежна дозвола, лиценца за угостителска дејност и одобрение за противпожарна заштита.

И покрај тоа, примал туристи на една од најпознатите плажи во земјата.

Кокс Базар е прочуен по својата долга песочна плажа, која се протега на приближно 120 километри. Регионот е меѓу најпосетуваните туристички дестинации во Бангладеш.

Токму затоа, пожарот предизвикал прашања како ваков објект можел да работи без неопходните безбедносни проверки.

Локалната полиција, според доставените информации, повела кривична постапка против сопствениците на одморалиштето.

Поврзани содржини